Samsung

Да се користи само еден уред во исто време е нешто што е скоро невозможно за поголемиот дел од корисниците во денешно време. Се чини дека мобилните се тука без разлика што друго се прави, а на нив секогаш има нешто доволно интересно за да го преземе нашето внимание.

Можноста да се поврзат мобилните телефони со телевизорите постои веќе подолго време, а тоа се покажа како одличен начин да се пушти некое видео од YouTube, да се пушти некој филм и слично.

Новата генерација на QLED телевизори од Samsung доаѓаат со функција која е како измислена за сите корисници кои едноставно не можат да се задоволат со користење на еден уред подолго време, а гледањето во мобилниот, па во телевизорот веќе им станува „напорна“ активност.

Како прво, поврзувањето на телефоните со Samsung телевизорите е станато едноставно до тој степен што се што треба да се направи е да се допре телефонот до телевизорот, по што уредите се поврзуваат и може да се прикаже саканата содржина.

Сепак, новата функција која според нас го привлекува вниманието е наречена Multi-View. Оваа функција им овозможува на корисниците да ја прикажат содржината од својот мобилен телефон на еден дел од телевизорот со што тие ќе можат да продолжат да ја гледаат и содржината од телевизорот.

Samsung овозможува дури 14 режими на прикажување на сликата со што корисникот може да ја избере таа која му одговара најмногу.

Зошто една ваква можност, иако едноставна, е толку одлична и корисна? Проверката на Facebook и слично, секако може да се направи од самиот мобилен, паралелно со гледање на телевизија, но сепак кога се работи за некое видео или слично, големиот екран почесто се покажува како повеќе погоден за гледање.

Корисниците со ова добиваат можност да гледаат две содржини во исто време на нивниот телевизор, од кои едната е од мобилниот телефон. Оваа функција потсетува на старата позната слика во слика функција, но сега унапредена и прилагодена за модерното време на константна поврзаност со мобилните телефони.

Samsung

Samsung новите телевизори ги претстави овој месец во Малта на Samsung Forum кој се одржа во Медитеранскиот Конференциски Центар. Овие телевизори се направени со познатата QLED технологија од Samsung и сите имаат 8K резолуција.

QLED технологијата која Samsung секоја година ја унапредува се верува дека ќе биде иднината на телевизорите. Истата овозможува неспоредливо прикажување на боите и јачина на светлината, со што корисниците добиваат гледачко искуство кое ретко може да се спореди.

Новите модели на QLED телевизори за оваа година доаѓаат со толку мали рамки што корисникот ќе го гледа само екранот. Ова нема потреба да се истакне колку го подобрува изгледот на телевизорот во собата, а исто така значително го подобрува и искуството при гледање.

Моделите за оваа година доаѓаат и со додатни новини кои ја подобруваат сликата, а тука се и аудио елементите кои овозможуваат дополнително подобрување на гледачкото искуство.

Претходна статијаСАД и пристапот кон патенти и иновации: Колку изуми се блокирани?
Следна статијаНајпријателски настроен кандидат за претседател на САД кон криптовалутите?
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.