Добар текст вообичаено е текст кој ти дава нова информација со што ти ја размаглува сликата за одредена работа. Ја разбираш подобро. Информацијата/аголот на гледање не си го имал предвид претходно.

Wired има одличен текст за т.н. secrecy orders кои забрануваат одобрување на патенти. Имено, уште во 1951 година Конгресот одлучил дека одредени иновации не смеат да бидат пуштени на пазар поради можност за загрозување на националната безбедност. Заклучно со 2012 година, на над 5.300 патенти не им било дозволено да бидат пуштени во пазар во САД. Забраната не ретко е над 10 години.

Не сум знаел воопшто дека согласно т.н. Invention Secrecy Act сите барања за регистрација и заштита на одредена иновација (патент) во финална инстанца се испитува од Пентагон, Националната агенција за безбедност и Министерството за внатрешна безбедност. Дел од овие иновации се откупуваат од самата САД, но поголем проблем се т.н. „John Doe” (фраза која се користи за неименуван човек) забрани. Станува збор за забрани изречени кон граѓани или бизниси кои не смеат да ги комерцијализираат своите иновации, иако владата нема експлицитен интерес за технологијата. Значи, иако изумот нема директни импликации врз воените интереси или националната безбедност, „цензорите“ нашле некоја возможна примена што може да наштети, реално, на нивната моќ да контролираат се. Околу 100 вакви забрани биле изречени во 1998, по што се намалува бројката. 

Проблемот е што никој не знае што се крие позади овие иновации и каков е ефектот од забрана за нивната комерцијализација. Експертите бараат барем критериумите врз кои се носат овие одлуки да бидат јавно достапни и да се вклучат и експерти во одлучувањето кои не се од безбедносните агенции кои имаат тенденција да гледаат ризик во се што може макар и минимално да им го отежни работењето, а да има позитивен ефект врз приватноста или други слободи на граѓаните.

Целата оваа дискусија е интересна ако се стави во контекст на дебатата (во либертаријанските кругови генерално) за оправданоста на државно-дадени монополи (патенти) на иноватори. Не само што не е најјасно дали и колку патентите промовираат иновации, туку очигледно надлежноста Државата да одредува што смее, а што не смее да се комерцијализира може да има дополнителни негативни ефекти врз иновациите и развојот. Во најмала рака, потребни се транспарентни правила на играта дури и кога станува збор за безбедносни прашања. Граѓаните мора да знаат дека одлуките за нивната безбедност не се носат арбитрерно зависно од „чувството“ на одредени, сепак, бирократи.

Претходна статијаУбер и Лифт загадуваат?
Следна статијаSamsung телевизорите знаат колку ги сакаме нашите мобилни телефони
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.