Убер и Лифт се познати компании за превоз кои се најкористени во САД. Симнуваш апликација, бираш возач, плаќаш за превозот и се е ОК. Ако си задоволен даваш добар рејтинг. Цените се прилично пристапни, и во многу земји поевтини од нормален такси превоз. Автомобилите што те превезуваат се во одлична форма.

Колку што знам, никој не се замараше досега колку овие компании придонесувале кон загадувањето. Епа, една организација наречена Унија на загрижени научници (не е шега, тоа им е името – Union of Concerned Scientists), решиле да испитаат.

Според нивното истражување, Убер и Лифт го зголемуваат загадувањето на воздухот 69 отсто повеќе од превозното средство кое го заменуваат, и драстично ја зголемуваат гужвата во сообраќајот. Тоа пак, води кон помало користење на јавниот превоз и зголемување на бројката на жртви во сообраќајот. Убер дури и едвај спасија глава кога тестираа самоуправувачки автомобили. Во еден таков случај возило на Убер усмрти пешак.

Тие велат дека постојат повеќе начини за да се спречат негативните ефекти од работата на овие компании кои стануваат сеприсутни. Еден начин е да се префрлат на електрични автомобили. Потоа, можат повеќе да поттикнуваат споделување на превози помеѓу повеќе лица (car-pooling). Но, да поттикнуваат и користење на „безбедни“ превозни средства за околината, како велосипеди (очигледно имаат и вакви услуги, најмување на велосипеди и електрични скутери).

Сепак, испаѓа дека луѓето не сакаат и баш да се развозуваат низ град со странци во нивното такси, без оглед на тоа што Убер и Лифт ги охрабруваат корисниците да ја користат таа услуга (и поевтина опција).

И на крајот, иако Убер се согласуваат со насоките во истражувањето, или барем не се спротивставуваат на изнесеното, Лифт одбрале да го етикетираат како лажни вести. Како и да е, интересно е да се следи односот на светските земји кон ваквите компании, во време кога се објавуваат вакви информации.

Претходна статијаHuawei ја претстави новата платформа HUAWEI AppGallery и визијата за градење безбеден и сигурен мобилен екосистем
Следна статијаСАД и пристапот кон патенти и иновации: Колку изуми се блокирани?