Надградбата на Windows 10 за годишнината од пуштањето на оперативниот систем, односно Anniversary Update беше најавена и претставена на Build 2016 конференцијата. Сепак, конкретна дата кога корисниците ќе можат да почнат со инсталирање не беше дадена, а тоа сепак не не’ чуди поради се’ уште тековното тестирање на верзијата.
Според веб страната на Microsoft на којашто се прикажани некои од новините кои корисниците може да ги очекуваат, надградбата може да се очекува во јули. Овој месец е и логично да биде месецот кога ќе биде достапна оваа верзија, со оглед што во тој месец е и годишнината на оперативниот систем.
Дали дефинитивно надградбата ќе биде пуштена во јули, сепак не може да се каже со сигурност, а најмногу поради досегашното искуство кое покажа дека од компанијата знаат да одложат одредени дати поради доработка на системот.
Инаку, Anniversary Update треба да донесе одредени интересни новини, иако тие нема значително да го променат оперативниот систем. Некои од нив вклучуваат поддршка за Windows Hello на Edge, подобрувања на Cortana, известувања на десктоп од Windows Phone и Android, подобар Центар за известувања и слично.
Дел од новините веќе се достапни за тестирање преку Windows Insider програмата, поточно со Windows 10 Insider Preview Build 14316 верзијата достапна на корисниците од брзиот прстен на надградби.