Очекувана за корисниците од ова лето, првата поголема надградба на Windows 10 досега беше неофицијално нарекувана Redstone. Сепак, Microsoft се одлучи за нешто поразлично и нетипично име, па надградбата ќе се нарекува Anniversary Update, односно „Надградба за годишнина“.

Надградбата ќе биде достапна за сите корисниците на Windows 10 бесплатно.

Веќе можевме да прочитаме дека во оваа надградба нема да влезат сите барања на корисниците на Windows Insider, а големо значење ќе биде дадено на Платформата за универзални апликации (UWP), односно достапноста на апликациите за различниот вид на уреди.

На првиот ден од Microsoft Build 2016 беа претставени новините кои ќе бидат дел од Anniversary Update. Тие не се многу, односно не донесуваат промени кои значително ќе го променат начинот на работа со оперативниот систем, но тоа не беше ни очекувано, Windows 10 веќе е доволно голема промена, па во наредните години ќе се работи на неговото усовршување.

Windows Hello ќе може да се користи од страна на модерните апликации и Microsoft Edge

Windows Hello е една од новите функции на Windows 10. Овој систем им овозможува на корисниците, односно и програмерите, користење на биометриски податоци за најавување на оперативниот систем. Тоа значи дека корисниците можат да се најават преку скенирање на нивното лице, отисок од прст или како на Lumia 950, преку скенирање на окото со инфрацрвен сензор.

Овој систем од ова лето ќе добие поддршка за интегрирање и во модерните апликации, па програмерите ќе можат да овозможат најавување на нивните сервиси преку сензор, наместо со внесување на лозинка.

Device_Win10_Laptop_Hello_PopUp_en-US_032916_hiRes-1024x640

Првата апликација којашто ќе дојде со оваа поддршка е Microsoft Edge. Развивачите на веб страни ќе можат да ја искористат оваа поддршка и да им овозможат на корисниците најавување преку Hello.

Според Microsoft корисниците многу често користат една лозинка за најавување на повеќе сервиси, вклучувајќи го и оперативниот систем, па можноста да се најават со Windows Hello треба значително да ја зголеми сигурноста на сметките.

Windows Ink – систем за електронски пенкала

Windows 10 е оперативен систем кој во голем дел е наменет за корисниците на уреди со екран на допир. Кога на ова ќе се додаде тврдењето на Microsoft дека повеќе луѓе се’ уште користат пенкало и хартија, логично би било да се понуди нешто што ќе ги спои овие два света.

Windows Ink е нов систем во Windows 10 кој што треба да го подобри „пишувачкото“ искуство во овој оперативен систем. Тој ќе им овозможи на програмерите да вградат поддршка за електронски пенкала на едноставен начин, со неколку линии на код според презентацијата.

W10_Laptop_Stickies_16x9_en-US-1024x576

Исто така, системот вклучува и нови можности за корисниците, како што е посебен дел каде што се поставени најчесто користените апликации со ваква поддршка, можноста за препознавање на одредени делови од напишаниот текст и слично.

Можноста за препознавање на текст беше презентирана со интересен пример којшто вклучуваше и подобрена верзија од Windows Sticky Notes. Корисниците ќе можат да напишат со своето пенкало потсетник да направат нешто, наредниот ден, на пример. Системот ќе го препознае зборот „утре“ и ќе се поврзе со Cortana, по што ќе предложи креирање на потсетник целосно преземен од рачно напишаниот текст.

Во Anniversary Update Cortana ќе добие унапредување исто така. Овој личен асистент покрај тоа што треба да работи подобро и да овозможи повеќе помош, ќе може да функционира врз заклучениот екран. Со тоа ќе се овозможи многу побрзо активирање на Cortana, без потреба од отклучување на уредот.

W10_Build_Laptop_Windows_Cortana_16x9_en-US_Device-1024x640

Cortana исто така ќе стане достапна на Xbox One, каде што ќе конечно ќе биде вклучена и продавницата за апликации од Windows 10.

На презентацијата Microsoft исто така ја најави и можноста за пренесување на win32 апликации во Windows Store, односно нивно „преобразување“ во модерни апликации.

Извор: Microsoft, T3, The Verge

Претходна статијаRazer Ripsaw е уред за директен пренос на игрите на Twitch и YouTube
Следна статијаEVGA SC17 е мега моќен гејмерски лаптоп со можност за “overclock”
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.