Apple оваа недела го одржува својот познат WWDC настан, овој пат очекувано онлајн само. Покрај за програмерите, овој настан е интересен и за обичните корисници кои можат да видат што ќе следи од компанијата во наредните месеци, како на пример iOS 14, кој според нас е една од подобрите надградби на оперативниот систем досега.
Секако, овој настан не може да помине и без новости поврзани со watchOS, оперативниот систем за Apple Watch, кој сега ја добива својата седма верзија. watchOS 7 донесува повеќе подобрувања на работата, но и неколку новини кои треба да го направат овој најнапреден паметен часовник на пазарот, како што го нарекуваат Apple, уште подобар.
Со watchOS 7 корисниците покрај тоа што добиваат нови и подобрени „watch faces“, истите сега може да се споделуваат на повеќе начини со што многу полесно може да се дојде до нив. Тие ќе може да се споделат преку порака во Messages, како и преку мејл.
Програмерите ќе добијат повеќе можности со кои ќе можат да им дадат на своите корисници повеќе избори и повеќе прилагодувања на часовникот. Тие ќе можат на една „маска“ да наместат да се прикажуваат информации од повеќе места, на пример.
Седмата верзија од watchOS воведува следење на спиењето кај Apple Watch. Корисниците, покрај тоа што ќе може да видат статистики за тоа колку и како спиеле, ќе можат да наместат цели рутини за пред и по спиење. Од Apple ја истакнуваат важноста на „припремите“ пред спиење кои треба да го спремат организмот за полесно заспивање.
Уште една интересна работа која е дел од watchOS 7 е автоматското детектирање дека корисникот ги мие рацете, нешто што стана популарно нели со коронавирусот, како да претходно не беше потребно миење.
Кога корисникот ќе почне да ги мие рацете, Apple Watch преку сензорите за движење, микрофонот, како и машинското учење, ќе забележи дека се работи за миење на раце, по што ќе вклучи тајмер од 20 секунди. Доколку корисникот заврши порано, ќе добие потсетување дека треба уште да ги мие рацете.