Update 1, како што ја нарекуваат пред официјално да биде достапна надградбата за Windows 8.1, се очекува да им биде достапна на корисниците на 11 Март 2014 преку Windows Update. За оваа верзија веќе има неофицијални информации за тоа какви промени ќе бидат содржани во неа кои покажуваат подобрувања за корисниците на маус и тастатура. Покрај шпекулации деновиве на интернет се појави „протечена“ (leaked) верзија од Windows 8.1 која што треба да е очекуваната Update 1 надградба. Според тоа што може да се види од порталите кои што ја имаат инсталирано оваа достапна верзија, шпекулациите кои што кружат одреден период се точни.
Како што кажуваа информациите до сега, на Start екранот се додадени две копчиња во горниот десен дел до сликата од корисникот. Копчињата се за веќе постоечки функции, меѓутоа го олеснуваат доаѓањето до нив. Едното копче е копчето Search кое што ја отвора лентата за пребарување, веќе позната за корисниците. Другото копче служи за исклучување, рестартирање или ставање на компјутерот во Sleep режим.
Друго што може да се забележи е додавањето на контекст мени кое што се појавува со десниот клик на некоја од плочките, нешто што досега ја отвораше долната лента со опции. Достапните опции преку менито се истите кои што се достапни преку лентата, односно преку менито може да се промени големината на плочките, да се избрише соодветната апликација, да се тргне од Start екранот или да се додаде на taskbar-от. За корисниците на екрани на допир останува менито кое се наоѓа на долната лента.
Модерните апликации сега имаат можност да бидат „закачени“ на taskbar-от што овозможува нивно вклучување без влегување во Start менито. Кога се вклучени за истите може да се види стандардниот преглед (preview) во форма на мала коцка над иконата. Кога ќе ги отворите сепак не се отвораат во посебен прозорец во десктоп околината како што некои од информациите тврдеа, туку истите се отвораат на целиот екран како и до сега, со таа разлика што taskbar-от останува да се гледа се до моментот додека не почнете да ја користите апликацијата. Ова овозможува отворање на апликацијата и лесно префрлување на друга апликација доколку не планирате да ја користите истата.
Друг додаток е нова мала лента која што се појавува на горниот дел од модерните апликации, кога ќе се донесе маусот на тој дел. На лентата од едната страна е поставено X копчето за лесно гаснење на апликацијата, а на другиот крај копче со чие притискање се отвора мени преку кое што може да се исклучи апликацијата, да се постави на половина од екранот и истата да се минимизира.
Во продолжение може да го погледнете демо видеото од порталот Winbeta.
http://www.youtube.com/watch?v=Dvxh4t9jGyE