Project Hera е името на проектот на кој што работи Google за некоја од наредните верзии од Android оперативниот систем, барем до такви информации имаат дојдено од Android Police. Се работи за еден вид на унифицирање на корисничкото искуство помеѓу Android, Chromium и Google Search на уредите кои што работат на Android оперативниот систем. Посебна верзија од Chromium прилагодена да работи на Android треба да го постигне овој ефект на унифицирање. Ова поврзување би овозможило извршување на разни задачи преку веб, во почеток за сервисите на Google, но ќе има и поддршка за други апликации и сервиси. Во основа ова унифицирање треба да овозможи побрзо извршување на работите без потреба од отворање на посебната апликација за конкретен сервис. Исто така ќе овозможи синхронизирање на започнатите работи на еден уред и нивно лесно продолжување на друг, а би требало и да го замени постоечкиот мултитаскинг систем, со што тој ќе добие одреден редизајн и ќе биде сличен со стилот на карти кој што се користи во Google Now.
Начинот на кој што ќе работи овој систем е преку извршување на работите и задачите преку повеќе инстанции од посебната верзија на Chromium кои што ќе работат со поддршка на HTML5 и ќе ги извршуваат задачите преку веб. Поради тоа отворањето на конкретна апликација нема да биде потребно за извршување на одредени задачи. На пример, доколку добиете порака на Gmail, системот ќе ве извести за добиената нова порака, а одговорот на истата ќе можете да го напишете и испратите без воопшто да ја отворите Gmail апликацијата. Исто така доколку се претплатите на некој сервис за кој што треба да отворите посебен линк испратен по email за да го активирате истиот, преку Hera тоа би го направиле без потреба од отворање на прелистувач, преку притискање на копче во самата порака.
Ова сепак се информации кои што не се потврдени од страна на Google, па постои можноста да тие не се ни точни. Се очекува доколку Google навистина работи на овој проект, тој да биде претставен на Google I/O конференцијата која што треба да се одржи овој Јуни.
Извор: Android Police