osx-beta

Доколку сте програмер кој што развива за десктоп оперативниот систем од Apple, OS X, сигурно веќе имате пробано некоја од достапните бета верзии, пред официјалната верзија да биде достапна за сите корисници. Меѓутоа пристапот за програмерите се плаќа годишно и за обичниот корисник не е нешто што е потребно, а и исплатливо со цената од 99 долари.

Почнувајќи од оваа недела, секој корисник ќе може да се вклучи во тестирањето на бета верзиите од OS X оперативниот систем без потреба од програмерски пристап или било каков паричен надомест. За таа цел Apple ја започна OS X Beta Seed Program, програма која што ви овозможува да ги инсталирате бета верзиите од оперативниот систем. Се што треба е да се приклучите во програмата со вашата Apple ID сметка и достапните бета верзии ќе можете да ги инсталирате преку делот за надградби во продавницата за апликации на Mac уредот.

Оваа програма е корисна за тие што би сакале да се вклучат во процесот на тестирање на новите функции на оперативниот систем пред тие да биде официјално достапни. Исто така од ова корист имаат и Apple, поради поголемиот број на корисници кои што ќе може да ги инсталираат бета верзиите и со тоа подобро да ги откријат потенцијалните „бубачки“, како и одредени предлози од корисниците. Пристап до бета верзиите веќе нуди Microsoft за својот оперативен систем и е масовно прифатен од корисниците.

Доколку сте корисник на OS X и сакате да ги пробате новите функции пред другите корисници, можете да се приклучите во Beta Seed програмата преку следниот линк.

Претходна статијаНовиот дизајн на Twitter достапен за сите
Следна статијаGoogle Street View ви овозможува да се вратите во времето
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.