Google во нивната Google Play Console го додаде делот за безбедност на податоците на корисниците, со што програмерите на апликациите ќе можат да започнат да ги пополнуваат потребните информации.

Според информациите, овие информации ќе почнат да им бидат прикажувани на корисниците почнувајќи од февруари 2022 година, а од март истата година програмерите ќе мораат да го имаат пополнето овој дел ако сакаат да поднесат барање за нова апликација во Play Store.

Овој дел за безбедност на податоците во основа може да се каже дека е одговор на Google на сличната функција која Apple ја направи дел од App Store при крајот на минатата година со iOS 14.

Ова значи дека корисниците ќе можат да видат како секоја апликација која сакаат да ја инсталираат располага со нивните податоци, односно кои податоци ги собира, на пример локација, имејл, финансиски информации и слично, дали овие информации се собираат на доброволна основа, за што се користат и како се пренесуваат до серверите на програмерите.

Со ваков дел во продавниците за апликации корисниците добиваат подобра претстава што е тоа што тие го оставаат како информација на интернет, во време кога се смета дека приватноста скоро и да не постои кога се во прашање нашите онлајн активности.

Apple оди и чекор понатаму, па не само што ги информира корисниците за кои информации се собираат, тие им овозможуваат и целосно да им забранат на апликациите да можат да ги користат нините информации од други апликации на телефонот.

ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2Google
Претходна статијаДали вашите податоци се безбедни на вашиот паметен уред?
Следна статијаФиналната верзија од macOS Monterey станува достапна од 25ти октомври
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.