Фото: Microsoft

Делот за „виџети“ во Windows 11, односно „Widgets Board“, е една од поголемите нови функции во овој оперативен систем. Од пуштањето на Windows 11 сепак единствените достапни виџети се тие од апликациите на Microsoft, па веруваме дека популарноста на овој дел не е на нивото кое би можело да биде.

Microsoft во мај оваа година најави дека на програмерите ќе им биде овозможен пристап до Widgets Board и со тоа тие ќе можат да направат свои виџети од нивните апликации. Со ова овој дел треба да стане многу повеќе корисен и популарен, а се ќе зависи од тоа колку програмери ќе се одлучат да го искористат овој пристап.

На пример, не би било лошо да може да се видат некои од известувањата или сликите од Instagram со брз преглед на делот за виџети или да се видат ресурсите од компјутерот, но ќе видиме што се ќе стане достапно.

Од компанијата објавија водич и принципи за правење на виџетите со што може да се претпостави дека нивното пуштање за третите страни оди по план и може наскоро да се очекува.

Во водичот се објаснува што точно се виџетите и како тие треба да бидат дизајнирани со цел да се задржи стилот на Windows 11 и Widgets Board.

Уште поважно, принципите за правење на виџетите објаснуваат како тие да бидат направени со цел да им бидат корисни на корисниците, па достапни се неколку совети како потреба од брз пристап до информациите, објава на информации кои би им користеле на корисниците, информациите редовно да се ажурираат и слично.

Се надеваме дека програмерите зад некои од најпопуларните апликации ќе се решат да направат свои виџети и ќе го направат овој дел од Windows 11 навистина корисен.

Инаку, покрај виџетите со информации од апликациите, овој дел прикажува и повеќе виџети од Microsoft News, но добро е што тие се прикажуваат после главните виџети.

Поддршка за виџети имаат win32 апликациите, а Microsoft ја најавува оваа поддршка и за PWA апликациите во иднина, што е одлично и значи дека ќе може да се направат виџети од веб страните.

ИЗВОРWindows Central
Претходна статијаКако можел да изгледа Windows 8 пред изборот на верзијата која беше официјално пуштена
Следна статијаTesla започнува со производство на Semi Truck електричниот камион влекач
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.