Многу корисници кои се обидоа да го надградат својот компјутер на најновиот Windows, а претходно беа на Windows 7 или 8.1, наидоа на неочекувани проблеми кои не дозволуваа да се продолжи со инсталирањето на новиот оперативен систем. Затоа, Microsoft пушти нова мала надградба за старите оперативни системи, која би требало да ги испегла сите можни проблеми и надградбата да тече без проблем.
Доколку имате компјутер со Windows 7 или 8.1, а сакате да го надградите на Windows 10, одете кај инсталираните надградби и осигурајте се дека ги имате “KB3112343” за Windows 7, односно KB3112336 за компјутерите со Windows 8.1.
Овие надградби се опционални, што значи дека ќе морате сами да ги инсталирате откако ќе се појават во листата. Со нивното инсталирање, надградбата на Windows 10 треба да е многу помазна и со помалку проблеми.
Овие надградби се добредојдени за сите корисници кои имаа проблеми досега, но ќе придонесат за уште поголем број на инсталирани Windows 10 оперативни системи, што е и главната цел на Microsoft. Досега, на светско ниво, инсталирани се преку 110 милиони единици, што е одлична бројка за околу три месеци од лансирањето.
Microsoft планира една милијарда уреди за две до три години, што би требало да се оствари со помош на стратегијата за еден универзален оперативен систем, кој ќе се користи во телевизорите, компјутерите, Xbox, телефоните, таблетите и IoT уредите.
За таа цел, од наредната година се очекува Microsoft да биде уште поагресивен во промоцијата на Windows 10 на уредите со Windows 7 и 8.1. Секако, нема да мора да го инсталирате најновиот систем, но сигурно ќе се изнагледате скокачки прозорци кои ќе ве потсетуваат да го направите тоа.
Извор: Venture Beat, CNET, Windows Central