Доста време помина од претставувањето на новата и модерна Settings апликација во Windows 8 која беше замислена да ја замени старата Control Panel. Сепак, Microsoft промената не ја направи веднаш, па со години малку по малку ги додава прилагодувањата за компјутерот во Settings, а познати се не толку ретките ситуации кога мора да се вклучи Control Panel за да се заврши одредена работа.
Во најновите верзии од Windows 11 повеќето прилагодувања се префрлени во Settings, па може да се каже дека корисниците веќе немаат потреба од Control Panel, барем повеќето корисници.
Според информација на страната за поддршка од Microsoft може да се заклучи дека крајот на Control Panel е доста блиску. Не пишува кога може да се очекува целосната замена, но изгледа тој ден е конечно поблиску од било кое време досега.
„Совет: додека Control Panel сè уште постои од причини за компатибилност и за да обезбеди пристап до некои поставки кои сè уште не се мигрирани, ве охрабруваме да ја користите апликацијата Поставки, секогаш кога е можно.“ – стои во документот од Microsoft.
Ова е една од критиките кои ги добиваат Microsoft за Windows 11, модерен оперативен систем кој се’ уште има многу делови кои се од старите верзии. Целосното тргање на Control Panel на сметка на Settings ќе направи доста за подобрување на сликата за Windows 11.