До претставувањето на Windows 8, сите прилагодувања на оперативниот систем се правеа преку познатата Control Panel алатка во Windows која уште е достапна во Windows 11. Оваа алатка сепак е доста сложена и не овозможува баш брзо пронаоѓање на саканите прилагодувања, а тоа посебно важи за не толку напредните корисници.

Од Windows 8, па наваму, Microsoft ја претстави доста поедноставната и подобро организирана Settings апликација, па постепено сите прилагодувања ги префрла од Control Panel во неа.

Може слободно да се каже дека Settings за првпат е направена навистина како што треба во Windows 11, односно истата изгледа одлично, организирана е едноставно и секој корисник може без проблем да се снајде барајќи го прилагодувањето кое му е потребно.

Од тоа што може да се види со најновите тест верзии од Windows 11, Microsoft конечно продолжува со застанатиот процес на префрлување на прилагодувањата од Control Panel во Settings. Работата е уште далеку од завршена, но добро е да се види дека повторно добива ново внимание.

Без разлика кога сите прилагодувања ќе бидат префрлени во Settings, повеќето важни и често користени се веќе префрлени, па обичните корисници и немаат потреба од отворање на Control Panel, тој „проблем“ е повеќе оставен за администраторите и тие кои сакаат да изменат повеќе работи во Windows.

Во најновата тест верзија од Windows 11, бришењето на инсталираните апликации сега директно води кон Settings. Досега, иако тоа можеше да се направи преку Settings, сепак автоматски водеше во Control Panel, освен ако корисникот не дојде до тој дел самиот.

Промените ќе им станат достапни на сите корисници дури идната година, а ќе видиме во меѓувреме дали дополнителни прилагодувања ќе бидат префрлени пред масовно пуштање на надградбата.

Претходна статијаСите Galaxy S22 модели ќе имаат стакло на задната страна, најавува Ice universe
Следна статијаСо Professional mode обичните профили на Facebook добиваат функции достапни за страните
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.