Една од најголемите карактеристики на iOS, која го разликува од својот најголем конкурент, е високиот процент на унифицираност кај корисниците кога се работи за верзијата од оперативниот систем која што се користи.
Се разбира можеби и не е фер да се споредува оперативен систем кој што е со затворен код и развиван само од страна на Apple и кој што работи на многу мал број на уреди, со Android кој што е отворен, а на него работат голем број на производители и мали независни програмери.
Сепак, групирањето на повеќето корисници на една верзија од оперативниот систем е предност која што им ја олеснува работата на програмерите, како и на самата компанија која што стои зад него.
Според информациите кои што ги објави компанијата Mixpanel, iOS 9 го продолжува трендот на Apple во одличното прифаќање на корисниците на новите верзии и веќе е инсталиран на 12% од корисниците за само 24 часа. Инсталациите продолжуваат, па според информациите од компанијата, iOS 9 веќе има и нешто повеќе од 18% од корисниците.
iOS 9 им стана достапен на корисниците оваа недела, поточно на 16-ти септември.
Овој тренд на инсталирање на оперативниот систем е поголем од минатогодишниот кога беше пуштен iOS 8. Според директорот на Mixpanel ова во голем дел се должи на доста помалиот простор потребен за инсталација на надградбата, како и достапната јавна вета програма преку која што корисниците многу порано имаа шанса да се запознаат со системот.
Тој исто така истакнува дека овој процент на инсталации најновата верзија на Android ја има постигнато за повеќе од 5 месеци од официјалното пуштање. Во одбрана на Android, причината за бавното инсталирање на новите верзии се должи на производителите кои што многу ретко тоа го прават веднаш, па доколку би се оставило на корисниците и овој оперативен систем би имал многу повисок процент.
Извор: TechCrunch