Тоа време сме од годината, кога се одржува WWDC конференцијата за програмерите од Apple, но и време кога ги дознаваме сите информации поврзани со наредните верзии од оперативните системи од компанијата.

iOS 17 е еден од најважните системи од компанијата и како што беше најавувано неофицијално, оваа верзија не остана само со мали подобрување во главно поврзани со перформансите и стабилноста.

Новините се во главно поврзани со дел од апликациите од Apple, кои одреден период и немаат добиено нешто посебно ново. Phone, Messages, FaceTime се апликациите кои добија посебен третман со iOS 17, а додадени се и две новини, апликацијата Journal, како и StandBy режимот за екранот кога телефонот е поставен на полнач и во вертикална позиција.

Посебно може да се истакне додавањето на интерактивни „виџети“, нешто што корисниците одамна го очекуваат и бараат. Интерактивните виџети овозможуваат извршување на одредени активности директно од нив, наместо да мора да се вклучи апликацијата, па така сега ќе може да се тргне задача од Reminders, на пример или да се пушти наредната песна од Music и слично.

Една од главните новини доаѓа кај Phone апликацијата. Корисниците сега ќе имаат можност да изберат како ќе им бидат прикажани на корисниците кои ги бараат, а тоа можат да го направат со избор на слика која е на целиот екран, со аватари, како и избор на буквите.

Друга новина со оваа апликација е можноста да се прикажува гласовната порака која ја остава корисникот кој бара, во реално време во текстуална форма. Со тоа корисниците можат да видат дали повикот е важен и доколку е можат веднаш и да се приклучат.

FaceTime добива можност за оставање на аудио и видео пораки во ситуациите кога корисникот кој се бара не е достапен. Исто така, достапни се нови реакции кои може да се искористат при разговорите, а нив ќе можат да ги користат и другите вакви апликации.

Интересна и корисна новина е можноста да се прават FaceTime разговори преку Apple TV, а телефонот да се користи како камера за тој разговор со ланската Continuity Camera функција.

Messages апликацијата добива освежување на изгледот, па дел од копчињата се преместуваат во посебно мени, нешто што дефинитивно прави апликацијата да е подобра на изглед и попрактична.

Можноста за вадење на објектите од сликите, претставена минатата година, сега може да се искористи за креирање на сопствени „стикери“ кои ќе се користат во пораките, а тие може да бидат и анимирани, доколку се искористи „жива“ слика.

Корисниците сега имаат и можност да ги информираат автоматски своите пријатели или семејството преку Messages за тоа дека пристигнале на некоја дестинација. Посебен дел Check In се додава во пораката кој доколку корисникот доцни, ја прикажува неговата локација, батеријата на уредот и слично.

Посебно корисна и интересна новина добива AirDrop функцијата со додавањето на NameDrop. Во основа, корисниците можат да ги допрат своите телефони и со тоа автоматски да ги споделат контакт информациите, наместо рачно да ги запишуваат.

StandBy е функција која исто така беше неофицијално најавена, а истата овозможува екранот на iPhone биде искористен за информации додека телефонот е поставен на полнач и држач во вертикална позиција. На екранот ќе може да се бираат интересни часовници, но и корисни информации како календарот, паметниот дом, временската прогноза, а исто како и кај „виџетите“ овие информации ќе може и паметно да се прикажуваат по потреба автоматски.

Новата апликација која е дел од iOS 17 е Journal и истата како што може да се претпостави од името се користи за водење на еден вид на дневник на активностите од денот. Апликацијата може автоматски да предложува работи од сликите, музиката која се слуша, локацијата каде е корисникот и слично.

Главните новини кои ги донесува iOS 17 можете да ги погледнете дополнително на страната од Apple тука.

ИЗВОРApple
Претходна статијаApple го претстави нивниот прв уред за проширена реалност кој воопшто не го нарекува така
Следна статијаwatchOS 10 навистина е најголемата надградба од претставувањето на системот
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.