Apple вчера официјално го претстави нивниот прв уред за проширена реалност и со тоа ги потврди шпекулациите кои ги имаше доста, а посебно оваа година. Во одредени периоди не беше сигурно дали од компанијата ќе го одложат претставувањето, но како што видовме, Apple Vision Pro „очилата“ се подготвени за продажба.

Како што се очекуваше, Apple Vision Pro е уред кој се носи на главата и овозможува гледање на околината и истата ја проширува, односно дополнува со дигитални информации.

Со уредот може да се користат сите апликации кои се достапни на мобилните, а со тек на време се очекуваат и повеќе нови апликации развиени или прилагодени специјално за Vision Pro.

Оперативниот систем на кој работи овој уред е исто така нов и е наречен visionOS. Корисниците го контролираат системот без потреба од додатни уреди, па повеќе сензори и камери го следат движењето на рацете, а стандардно за Apple сето тоа е доволно интуитивно и едноставно за сите корисници.

Покрај рацете, важна улога во контролирањето на системот, односно интеракцијата со апликациите, играат и очите чие движење се следи, а тука е и гласовното контролирање со помош на Siri.

Посебно се истакнува функцијата EyeSight која ги трга информациите од екранот доволно за да може да се видат очите на корисникот во моментите кога тој разговара со некого во просторијата каде што се наоѓа.

„Денес го означува почетокот на новата ера за компјутери“, рече Тим Кук, извршен директор на Apple. „Исто како што Mac нè воведе во персоналните компјутери, а iPhone нè запозна со мобилните компјутери, Apple Vision Pro нè воведува во просторните компјутери. Изграден врз основа на децениски иновации на Apple, Vision Pro е години напред и е како ништо создадено претходно – со револуционерен нов систем за внесување и илјадници револуционерни иновации. Отклучува неверојатни искуства за нашите корисници и возбудливи нови можности за нашите програмери“.

Vision Pro уредот е замислен да се користи од обичните корисници, но и за работа. Не е важна примената, апликациите преку уредот се прикажуваат во големини кои не се ограничени од екран, како што истакнуваат од Apple.

Можни се функции како поврзување со MacBook лаптоп и пресликување на сликата во уредот и нејзино зголемување. Тука е поддршката за Magic Keyboard и Mouse, па корисниците можат да ја завршат својата посериозна работа.

Посебно се истакнува можноста за гледање на филмови и слики кои изгледаат како да се големи колку целата просторија на која се пуштаат. Нивната поставеност може да се избере, а секако може да се вклучат повеќе апликации. Разговорите преку FaceTime добиваат целосно ново искуство со Vision Pro, а корисникот на другите им е прикажан како еден вид на аватар.  

Покрај додавањето содржина на вистинскиот свет, со Immersive Environments уредот прикажува пејзажи, на пример, со што корисникот може целосно да се пренесе во друга околина.

Vision Pro работи со повеќе камери и сензори, како и М2 чипот, што значи дека може да се очекуваат посебни перформанси. Додаден е и нов чип, R1 чија намена е да ги процесира информациите од камерите, нешто што е посебно важно кај еден ваков уред.

Повеќе за уредот можете да погледнете на неговата страна тука.

ИЗВОРApple
Претходна статијаМодирум го проширува своето глобално присуство со аквизицијата на Веб Фактори
Следна статијаiOS 17 донесува новини кај неколку од апликациите на iPhone, како и новите Journal апликација и StandBy режим
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.