Четвртата бета верзија од iOS 16.2 донесува една мала промена која сепак на доста корисници ќе им направи поголема разлика. Промената ги враќа постарите, односно веќе еднаш видените известувања во видниот дел од Центарот за известувања, без потреба прво да се повлече нагоре со прстот за да се прикажат.
Прикажувањето на постарите известувања во „скриен“ дел, односно потребата да се повлече нагоре за да се видат, е новина која дојде со iOS 16. Оваа верзија од iOS донесе големи промени кај „заклучениот екран“, а дел од нив беа пресликани и во Центарот за известувања.
Во основа, поради додавањето на „виџети“ во горниот дел од „закучениот екран“, известувањата се поместени подолу, а исто така се прикажуваат во формат една врз друга. Поради ова, постарите известувања воопшто и не се гледаат пред да се повлече нагоре, па доста корисници пропуштаат доста важни известувања во текот на денот.
Враќањето на постарите известувања во видниот дел како промена е направено само во Центарот за известувања, што значи тие ќе продолжат да бидат „сокриени“ на „заклучениот екран“.
Дали оваа промена ќе биде доволна за корисниците да не пропуштаат толку известувања, ќе покаже искуството, но добро е што е направено нешто во овој правец.
iOS 16.2 се очекува да им биде пуштен на сите корисници во текот на овој месец и се работи за помала надградба со мал број на новини.