Многумина од вас веќе направија надградба на најновиот десктоп оперативен систем на Microsoft, бесплатно и сега имаат активирана 10-ка. Но, што ако некој од Вас сака да направи чиста инсталација, односно со популарното форматирање на дискот? Дали ќе ви остане активацијата од претходниот оперативен систем (7 и 8.1)?
Доколку инсталирате целосно нов оперативен систем, а претходно не сте имале активиран Windows 7 или 8.1, нема да добиете активација, што е и очекувано. Сепак, има лесен начин со кој може да се добие активирана 10-ка, а да се избришат сите податоци, односно да се направи чиста инсталација.
За оние кои сакаат да го направат тоа, треба да го симнат ISO фајлот со Windows 10 верзијата која сакаат да ја инсталираат, односно која треба да одговара на Windows 7 или Windows 8.1 верзијата што ја имате.
Кога ќе кликнете на ISO датотеката, истата автоматски ќе се прикачи како виртуелен DVD Drive и потоа со кликање на Setup иконата, ќе може да почнете со инсталација. Тука само треба да изберете дека сакате да направите чиста инсталација и потоа системот сам ќе ја заврши цела работа за вас.
Напомена дека со изборот на овој тип на инсталација, ќе ги загубите сите инсталирани програми, сите датотеки како и претходната верзија на Windows, што треба да го имате на ум доколку посакате некогаш да се вратите на стариот оперативен систем. Откако ќе заврши инсталацијата на оперативниот систем, ќе останете активирани со клучот од претходната верзија (Windows 7 или 8.1).
Ова значи дека сите податоци за активација сега се чуваат онлајн, што е смена на стратегијата на Microsoft. Клучот е исто така залепен за вашите компјутерски компоненти, односно системот ќе препознае доколку го префрлите активираниот Windows на друг компјутер со правење целосна копија на дискот и веднаш ќе ја тргне активацијата.
Од друга страна, ова значи и дека доколку се одлучите да направите целосно бришење, односно форматирање на дискот, кога ќе инсталирате Windows 10, ќе ви остане активацијата од претходниот систем, односно вашиот компјутер ќе биде препознат како активиран. За да го постигнете ова, треба само да не внесувате никаков клуч при инсталацијата на Windows 10, односно да кликнете на “Skip” кога тој ќе биде побаран од Вас.
За оние кои пак сакаат да сменат компоненти во својот десктоп компјутер, како на пример да стават нов диск или нова графичка, не би требало да имаат проблеми со губење на активацијата. Единствено, ставање на нова матична плоча најверојатно ќе ја избрише активацијата, но, ако се случи тоа, можете да го контактирате контакт центарот на Microsoft и активацијата веднаш ќе ви биде вратена (ова може да се направи и во самото мени за активација).
Секако, доколку имате некој проблем за кој моментално не знаеме, односно имате неактивиран Windows 10, а не треба да е така, пишете во коментарите подолу, ќе се обидеме да помогнеме.
Извор: ZDNet