Најновиот оперативен систем на софтверскиот гигант ќе биде достапен за сите уреди што можете да ги замислите, а како за почеток, од денес е достапен за сите корисници на компјутери, лаптопи и таблети. Еве се што треба да знаете за новитетите кои ги носи Windows 10, но и за тоа дали го надградите својот компјутер, како да го надградите и дали ќе можете да го направите тоа со пиратска верзија.
Што е ново во однос на Windows 7 и 8.1?
Windows 10 е нешто како идеален спој меѓу последните две верзии. Вградени се најдобрите елементи од стандардниот кориснички интерфејс, кој започна со 95-ката, но има и многу модерни елементи кои ќе го олеснат користењето на таблет компјутерите. Но, да почнеме со ред:
Старт менито се врати! Најголемата промена во однос на 8.1 е враќањето на старт менито, кое беше главна одлика на верзиите од Windows 95 до Windows 7. Сепак, тука старт менито не е само побрз начин да се стигне до посакуваните програми, апликации и подесувања, туку ги вклучува и живите плочки кои дебитираа со 8.1, а кои прикажуваат релевантни информации од апликациите. Ова е се чини спој од најдоброто од класичниот и модерниот интерфејс од претходните верзии и си сигурност ќе биде многу корисен и информативен.
Cortana на помош! Виртуелниот асистент кој дебитираше со Windows Phone е вграден и во новиот Windows 10. Cortana може да го пребарува интернетот за Вас, да прати e-mail за вас и дури и да прави забелешки во нотесите во One Note. Исто така, ќе биде вградена и во многу апликации, како на пример Edge, каде ќе има уште повеќе можности, па на пример, доколку гледате некоја туристичка дестинација, ќе може веднаш да ви презентира летови дотаму. И што е најважно, може да се активира само со Hey Cortana! Секако, доколку имате активен микрофон на вашиот компјутер.
Многу подобар мултитаскинг, виртуелни десктопи. Мултитаскингот секогаш беше силна страна на Windows, но во 10-ката се чини станува дупло подобар. Сега, достапен е Task View, кој ќе ви ги покаже сите активни апликации во големи, читливи прозорци, а исто така, на поголемите екрани ќе може да се стават до четири различни програми и апликации една до друга. За прв пат во Windows се достапни и виртуелни десктопи, кои ќе овозможат уште подобар мултитаскинг и поделба на работата. На пример, сега можете да имате еден десктоп за работа, еден за забава итн.
Нови вградени апликации. Со новиот Windows 10 доаѓаат и нови вградени апликации, од кои вреди да се истакнат одличната апликација за e-mail, но исто така и Microsoft Office оптимизиран за екраните на допир, кој по моето искуство, е одличен за работење и со маус и тастатура, иако е прилично минималистички. За оние кои не сакаат или не можат да платат за целосен Office, овие, бесплатни верзии се и тоа како добра замена. Исто така, за пофалба се и Photos и Maps апликациите, кои сега се на нивото на главните конкуренти, додека Xbox апликацијата сега може да ги пушта игрите од Xbox One на вашиот компјутер.
Довидување Internet Explorer, здраво Microsoft Edge! Не е случајно што на Edge му се обративме со „здраво“. Новиот интернет прелистувач на Microsoft е многу помодерен, побрз и оптимизиран за модерните веб сајтови, но најважно од се, многу е побезбеден. Засега, му недостасуваат екстензии и подобра интеграција со старите Windows програми (како на пример drag&drop), но е чекор во вистинската насока.
Модерните апликации ќе работат во прозорци. Ова беше еден од најголемите недостатоци кај 8.1. Модерните апликации работат само на цел екран, без можност да се намалат, што буквално ги збесна корисниците на десктоп и лаптоп компјутери. Сега, сите модерни апликации ќе работат во стандарден прозорец како старите програми, со стандардните копчиња во горниот десен агол за минимизирање, намалување/зголемување и исклучување на апликацијата.
Continuum е новата алатка која ќе овозможи лесно префрлање од десктоп/лаптоп работна околина, во таблет работна околина, полесна за користење со екраните на допир. Работи скоро совршено и со сигурност ќе биде корисен за новите 2 во 1 уреди, кои заменуваат и таблет и лаптоп. Исто така, Continuum во иднина ќе биде достапен и за паметните телефони со Windows 10.
Action Center е преземен од Windows Phone и ќе ги вклучува сите нотификации од оперативниот систем, на едно место. Од таму можете и брзо да пристапните на многу опции и подесувања, што е особено корисно.
Останатите промени вклучуваат многу подобра заштита од сајбер напади, подобри перформанси, подобрен дизајн со многу повеќе функционалност во модерните апликации итн. Всушност, како и секој нов Windows претходно, овој ќе биде поубав и побезбеден.
Како да надградам?
Сите корисници кои имаат Windows 7 и Windows 8.1 можат бесплатно да го надградат својот компјутер на Windows 10. Подолу и подетално како да го направите тоа.
За корисниците на Windows 7
Сите корисници кои имаат 7-ка, ќе можат да направат директна надградба на Windows 10. Надградбата е бесплатна за оние со лиценциран оперативен систем:
– За надградбата мора да имате инсталирано Service Pack 1. Ова можете да го проверите со десен клик на My Computer и изберете Properties
– Оние кои имаат Windows 7 Starter, Windows 7 Starter, Windows 7 Home Basic или Windows 7 Home Premium, ќе добијат надградба на Windows 10 Home
– Оние кои имаат Windows 7 Professional или Windows 7 Ultimate, ќе добијат надградба на Windows 10 Pro
За оние со Windows 8 и 8.1
Како и кај 7-ката, секој лиценциран Windows 8.1 ќе може да се надгради на Windows 10, бесплатно. Еве како:
– За надградбата мора да имате инсталирано Windows 8.1 Update. Оние кои се уште се на Windows 8, можат да проверат во Update центар. И таа надградба е бесплатна.
– Оние кои имаат Windows 8.1 ќе добијат надградба на Windows 10 Home
– Оние кои имаат Windows 8.1 Pro или Windows 8.1 Pro for Students ќе добијат надградба на Windows 10 Pro
– Оние кои имаат Windows 8.1 Enterprise, нема да добијат надградба на Windows 10, но тоа се обично компании, кои веќе имаат договори за долгорочна лиценца со Microsoft.
Што ако имам нелиценциран Windows 7 или 8.1, односно пиратски активиран?
Од Microsoft се уште нема фицијален податок или информација за тоа како ќе бидат третирани корисниците кои пиратски го имаат активирано својот систем. Сепак, по форумите и социјалните медиуми, некои корисници веќе имаат направено надградба од пиратски Windows и засега имаат активирана 10-ка. Но, ова не значи дека и со некоја наредна надградба нема да ја изгубат лиценцата.
Моја препорака е добро да истражите пред да одлучите да направите надградба, зошто моментално, нема многу други решенија, односно активаторите кои се достапни моментално, не е сигурно дека ќе работат уште долго време, што значи дека ќе мора да го правите тоа одново секогаш кога ќе се надгради оперативниот систем.
За оние кои сепак мораат да купат оперативен систем, цената е 119 долари за Windows 10 Home, односно 199 долари за Windows 10 Pro. Секако, многу нови лаптоп, десктоп и таблет компјутери ќе доаѓаат со вграден Windows 10, па доколку планирате нов таков уред, би било препорачливо да го купите со вграден оперативен систем.
Ова е само почетокот!
Microsoft најави дека ова што сега го гледаме во Windows 10 е само почетокот и дека ќе има многу други новитети кои ќе се вградуваат со текот на времето. Исто така, 10-ката наскоро треба да биде достапна и за другите уреди, како на пример паметните телефони, Xbox One и HoloLens, но и за многу други помали IoT уреди.
Извор: Windows Central, PC World