Како што повеќето од вас кои што сте корисници на некој од производите на Apple знаете, најновата верзија од iOS оперативниот систем, iOS 8, стана достапна за симнување и надградба минатата недела, поточно на 17-ти Септември. Оваа надградба вклучува огромен број на нови функции, подобрувања на работата на оперативниот систем и уредите и други заднински промени. Некои од поголемите новини вклучуваат подобрување на системот за нотификации кој што сега вклучува можност за интеракција со нив, поврзување со OS X Yosemite системот, можност за инсталирање на тастатури од трети страни, HealthKit фитнес апликации и повеќе.
Можеби за некого и не толку важно, меѓутоа најавените фитнес апликации, односно можноста и на програмерите да се поврзат на новиот систем од Apple, не беше достапна од самиот старт на новата верзија од оперативниот систем. Од компанијата изјавија дека се работи за одредени багови на кои што се работи, па после една недела беше пуштена iOS 8.0.1 верзијата. Оваа верзија покрај HealthKit багот, ги средува и следните пријавени проблеми:
- Исправка на баг поради кој што тастатури од трети страни се исклучуваат по внесување на passcode-от
- Исправка на баг поради кој што одредени апликации не можеа да пристапат до сликите во Photo Library
- Подобрување на работата на Reachability функцијата на новите iPhone 6 модели
- Исправка на проблем поради кој што можеше да дојде до неочекувано трошење на мобилниот интернет при добивање на SMS или MMS порака
- Исправка на проблем поради кој што во одредени случаи рингтонови не се вратени од iCloud бекапот
- Исправка на проблем поради кој што не беше можно прикачување на слики и видеа од Safari
Меѓутоа веднаш по пуштањето на надградбата, голем број на корисници почнале да пријавуваат проблеми со нивните во главно iPhone 6 и 6 Plus уреди. Според информациите најголемиот број на пријавени проблеми доаѓаат од корисниците на новите модели, па доколку користите друг уред, не би требало да наидете на истите проблеми. Инаку, проблемите се поврзани со губење на сигналот на мобилната мрежа, како и проблеми со работата со TouhID сензорот за отисоци од прсти. Поради доволно големиот број на корисници кои што пријавиле проблеми, од Apple веќе ја имаат повлечено надградбата и најаваат дека во текот на наредните денови ќе издадат нова iOS 8.0.2 надградба која што треба да ги реши проблемите.
За корисниците кои што веќе ја имаат инсталирано надградбата се препорачува да ја вратат старата верзија од оперативниот систем, за што од Apple имаат издадено и објаснување како тоа да се направи. Објаснувањето е за новите iPhone 6 модели, па со оглед на фактот дека тие се’ уште не се продаваат во нашата земја, претпоставуваме дека никој не се соочува со пријавените проблеми.