Google оваа недела го претстави нивниот најнов квантен чип кој доаѓа со доста голем напредок од претходниот, а се истакнува и дека овој чип прави голем пробив во областа со решавање на неколку проблеми за првпат.
Willow е името на чипот кој има способност да реши тест проблем за помалку од пет минути, нешто што на денешните супер компјутери би им требало повеќе од 10^25 години.
Покрај големите очекувања за решавање на доста проблеми, односно овозможување напредок во медицината, науката, технологијата и слично, квантните компјутери со себе донесуваат и одредени грижи.
Конкретно, нивната способност се очекува да овозможи пробивање на денешните криптографски заштити, односно шифрирањето на податоците, комуникацијата и слично.
Apple веќе воведоа заштита за ваквата можност со воведување на таканаречениот пост-квантен криптографски протокол PQ3, па наводно протоколите кои се користат од страна на компанијата треба да бидат потешки за пробивање дури и во иднина со квантните компјутери. Слична заштита најавија и од Signal.
Според директорката од Google Чарина Чоу, новиот Willow чип е далеку од потребните способности за пробивање на денешните шифрирани податоци. Наводно овој чип не е во категоријата на таканаречени CRQC – cryptanalytically relevant quantum компјутери, а за истото се потребни повеќе милиони физички „кјубити“.
Чипот од Google засега постигнува само 105 физички „кјубити“, па доколку се гледа само од ова, Willot навистина не треба да на загрижува засега.
Сепак, ќе почекаме да видиме дали луѓе кои навистина се разбираат во оваа тема ќе имаат што да кажат.