Понекогаш научниците се здосадуваат со испитувања на работи кои донесуваат само маргинални подобрувања во нашето сознание за светот и се охрабруваат да направат анализи на космолошко ниво. Не е потребно да се каже дека ваквите анализи се сомнителни во најмала рака бидејќи се базираат на многу претпоставки и претпоставки за претпоставки кои оневозможуваат донесување заклучок со задоволително ниво на веродостојност.
Па така научникот Фергус Симпсон од Универзитетот од Барселона ја искористил таканаречената Бајесова статистика заедно со еден куп претпоставки за вселената, за да процени како најверојатно би изгледале вонземјаните и какви физички карактеристики би имале. Според неговата анализа, вонземскиот живот во просек би бил 300 килограми тежок и налик мечки.
Секако се прашувате како Симпсон стигнал до овој „резултат“. Тој отпрвин тргнал со проценка од колку членови би броела таа цивилизација и дошол до заклучок дека би требало да брои околу 50 милиони, што е значително помалку од една друга цивилизација што ја знаеме – човековата, која брои околу 7 милијарди. Од друга страна, Симпсон смета дека луѓето се многу побројни него што би бил просекот, и тоа особено поради тоа што повеќето од вонземскиот живот би дошол од планети помали од Земјата.
Понатаму, тој правел анализи за просечната телесна маса на вонземјаните, и открил дека луѓето спаѓаат во прилично полесните вселенски видови бидејќи според него просекот би тежел околу 300 килограми. Животни кои ја имаат оваа килажа вклучуваат мечки, тигари и дугонг. Поради нивната масивност не е веројатно дека ваквите животни би имале некоја напредна цивилизација и дали воопшто би развиле напредни интелектуални капацитети.
„Студијата“ на Симпсон дава интересни претпоставки околу вонземскиот живот, но бидејќи се базира на далечни претпоставки не може да се земе за многу веродостојна. Очигледно е дека ќе треба да се ангажираме поактивно во барањето вселенски живот и да ја потврдиме или отфрлиме.
Ако се прашувате „Каде се вонземјаните?“ познатиот Фермиев парадокс ќе ви помогне во одговорот.
Извор: IFLScience, LiveScience