Основната лекција за составот и градбата на Земјата веројатно сите ја знаеме. Ние живееме на Земјината кора која е изладена одамна и е цврста. Под нејзе следува огромен слој на карпи, како и стопени карпи (лава) како што се приближува надворешното јадро, која понекогаш излегува на површина во вид на вулкани и слични појави. Под овој слој се наоѓа Земјиното јадро, кое е поделено на надворешно и внатрешно јадро. Надворешното е составено од метали (железо и никел) и е течно поради огромните температури, а внатрешното јадро е составено од железо, но е во цврста агрегатна состојба поради огромните притисоци на сите други слоеви врз него и покрај тоа што е потопло од слојот над него.
Сега научниците од Универзитетот од Илиноис открија дека и внатрешното цврсто јадро веројатно е поделено на два дела. Тие ги нарекуваат овие два дела надворешно внатрешно јадро и внатрешно внатрешно јадро, што е несреќна и смешна терминологија. Според Шаодонг Сонг, професор на Универзитетот, внатрешното внатрешно јадро во дијаметар опфаќа половина од целото внатрешно јадро. Начинот на кој тие разграничиле дека се разликува од надворешното внатрешно јадро е преку анализирање на сеизмичките бранови кои се шират низ Земјата при разни земјотреси.
Слично како со ултразвук, сеизмолозите ги користат сеизмичките бранови при анализа на составот на Земјата, споредувајќи како самите бранови патуваат низ внатрешнината и каде скршнуваат, застануваат или ја менуваат својата фаза. Со ваквата анализа научниците од Универзитетот успеале да утврдат дека внатрешното внатрешно јадро има различна фаза т.е. неговото магнетно поле е свртено кон исток-запад за разлика од магнетното поле на надворешното внатрешно јадро кое е свртено кон север-југ.
„Фактот што имаме два региона кои се различни може да ни каже нешто околу тоа како внатрешното јадро еволуирало. На пример, низ историјата на Земјата внатрешното јадро може преживеало многу драматична промена во својот режим на деформација. Можеби го држи клучот за дознавање како еволуирала планетата“ – вели професорот Шаодонг Сонг.
Ваквите анализи се можни благодарејќи на глобалната мрежа на сеизмички станици кои доставуваат резултати за геолошките движења и еволуција на Земјата. Тоа ја потенцира потребата од вложување во науката за да можат научниците да продолжат со својата работа и да ја дознаваат вистината на Земјата, универзумот и останатите феномени.
Извор: CNet, University of Illinois