Засега се` уште темната материја е теоретска алатка која помага да се објасни зошто галаксиите кои се вртат со огромна брзина околу нивните центри не се распаѓаат и покрај тоа што видливата материја нема доволно голема густина за да ги задржи. Се хипотезира дека темната материја, која не може да се види (нема радиоактивни емисии, оттаму „темна“) има гравитациски ефект и е сместена внатре во галаксиите меѓу видливата материја, зголемувајќи ја тоталната гравитација на галаксиите и оневозможувајќи им да се распаднат под дејство на центрифугалната сила.
Темната материја е теоретска бидејќи се` уште немаме начин да го потврдиме нејзиното постоење освен во нејзиниот гравитациски ефект (што можеби припаѓа на некој друг феномен). Но научниците од Европската вселенска агенција (ЕВА) ја разгледуваат можноста да забележале недиректен доказ за постоењето на темната материја во податоците кои ги собираат од вселенските летала XMM-Њутон.
XMM-Њутон (X-ray Multi Mirror Mission) e орбитирачка лабораторија за детекција на рентгенски зраци која лета околу Земјата. Лабораторијата користејќи систем на повеќе огледала и суперосетливи инструменти собира слика од рентгенското зрачење од вселената, што потоа ја праќа на анализа назад до Земјата.
Токму во овие податоци научниците од ЕВА забележале неочекуван „шпиц“ во вчитувањата кои доаѓале од Персеј кластерот и галаксијата Андромеда, шпиц кој коренсподира со очекуваните зрачења од хипотетичката темна материја поради уништувањето на честичка-кандидат за темната материја, наречена стерилна неутрино честичка. Научниците го споредиле сигналот со сигналот кој доаѓал од нашата галаксија и го потврдиле како веродостоен.
Иако ова не значи дека темната материја е потврдена, дава поголема доверба во теоријата за нејзиното постоење бидејќи се поклопува со вчитувањата кои се очекуваат да доаѓаат од нејзе. Ваквите наоди го подобруваат нашето разбирање за Универзумот, а веројатно ќе придонесат за подлабоко развивање на научната фантастика како одраз на човековата желба да дознае што има таму, која е неговата судбина и како може да се престигне себеси над биолошките ограничувања.
Извор: IFScience