europesmarse

Марс не е баш блиску до нас. Теоретски, во идеалниот момент на блиски „односи“ со Земјата би се наоѓале на далечина од 54 милиони километри (што никогаш не се случило во запишаната историја), а во просек се наоѓаме на далечина 225 милиони километри.

За да се превагне оваа далечина потребни се огромни средства (веројатно трошокот за праќање на една ваква ракета во вселената ги чини НАСА, ЕСА или Роскосмос повеќе од нашиот годишен БДП), огромни залихи на гориво и време од отприлика 200-300 денови (7-10 месеци).

Но една група математичари, проф. Франческо Топуто од Политехничкиот институт Милано и Едвард Белбруно од Принстон универзитетот и поранешен член на Ракетната лабораторија на НАСА, предложуваат да се користи таканареченото „балистичко заробување“ за да се скрати на трошоците за мисиите до Марс.

Во основа, ваквото балистичко заробување е техника која овозможува леталото да се испрати од Земјата во предвидената патека на Марс доста време пред Марс да дојде до таа позиција и потоа со помош на неговата гравитација да се зароби леталото во неговата орбита или да слета на површината. Леталото се испраќа од Земјата и користејќи ја гравитацијата на Сонцето само активно ја исправа својата патека за да се поклопи со таа на Марс.

Ваквата техника овозможува значително заштедување на потребната енергија која се употребува при директно испраќање на летало од Земјата до Марс и ја зголемува можноста за товар, но го зголемува времето на мисијата за неколку месеци додека леталото чека да се приближи планетата.

Ваквата техника можеби нема да биде соодветна за праќање луѓе, но би била подобра за редовните роботски мисии кои вселенските агенции ги испраќаат до Марс бидејќи ќе овозможи помал товар врз нивниот буџет кога временското ограничување не е толку изразено.

Извор: io9, Engadget

Претходна статијаТемната материја можеби случајно детектирана од научниците
Следна статијаСпоред Брајан Грин паралелните светови постојат и наскоро ќе можат да се потврдат