19ezeo97fmv2njpg

XSTAT 30 е уред кој што веќе една година е достапен за американската армија, а сега и за обичните граѓани на САД. Одобрен од страна на Администрацијата за храна и лекови (FDA – Food and drug administration), XSTAT ќе може да се користи како кај возрасните, така и кај помладите лица.

Овој уред е наменет да се користи во одредени итни ситуации, кај жртви со отворена рана, најчесто предизвикана од куршум или шрапнел. Навременото затворање на раната и спречувањето интензивно течење на крв, би можело да спаси голем број на жртви во таква ситуација додека се укаже можноста да им се пружи професионална медицинска помош.

XSTAT, кој што е направен во форма на шприц, работи преку вбризгување на 92 мали сунѓерести предмети кои што се направени од целулоза и обвиткани со материјал кој што има голема способност на впивање на крв.

По внесувањето на сунѓерите во отворената рана, тие ја впиваат крвта и со тоа ја зголемуваат и нивната големина. На тој начин се постигнува и затворање на раната и спречување на истакнувањето на крв. Целиот процес на впивање и затворање на раната трае околу 20 секунди.

xstats-before-after

Според производителот, затворањето на раната може да биде направено да трае до 4 часа, што би требало да е доволно за пристигнување на брзата помош или носење на пациентот до најблиската болница.

Според одредени статистики, околу 30 – 40% од жртвите во вакви ситуации, го губат животот поради големо губење на крв додека бидат однесени во болница. Затоа еден ваков уред се очекува да биде клучен во спасувањето на животот кај одредени повреди.

XSTAT сепак не може да се користи на сите места од телото. Местата како што е градниот кош, абдоменот или карлицата, не се погодни за користење на методата со XSTAT.

Овој уред е одобрен за цивилна употреба во САД, каде што повредите од огнено оружје не се ретка појава во домовите. Се работи за општество каде што правото за поседување на оружје се смета за една од најважните работи кај голем дел од населението, па случајните несреќни често се случуваат.

Извор: ArsTechnica, FDA, Gizmodo, RevMed

Претходна статијаСмартфоните од Coolpad веќе достапни и во Македонија
Следна статијаТест патеката за Hyperloop во Невада почнува да се гради – Еве како ќе изгледа
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.