Генетски модифицираните организми (ГМО) денеска се употребуваат за помагање и извршување на најразлични процеси при индустријата, обработка на органски супстанци, преработка на храна и за многу други употреби. Сепак, останува опасноста некој од овие организми да излезе од контрола преку копирање или да постигне некоја мутација која ќе му овозможи да се копира неконтролирано, да создава отровни материи и да направи огромна штета.
Досегашните напори за обезбедување од вакви катастрофални последици се базираа на создавање ГМО кои се хранат само со посебна, синтетичка храна која не постои во слободна форма во природата. По теорија, една бактерија која се храни со некоја таква материја ако излезе во природата нема да може да преживее и ќе умре. Од друга страна, ваквите организми често знаат да се модифицираат или да споделат генетски код со други организми (на пример, преку интеракција со ретровируси) и да развијат способност да си наоѓаат храна.
Затоа сега научниците во две посебни студии успеале да создадат ГМО (се работи за изменета Ешерихија коли бактерија) кои мора да се стекнат со некоја одредена аминокиселина како би можеле да функционираат. Таа аминокиселина не постои во природата, а ГМО во главно не можат да ја синтетизираат бидејќи немаат програма во својата ДНК. Во случај да ваквите ГМО треба да се исконтролираат, ќе треба само да им се укине пристапот до аминокиселината и тие нема да бидат во способност да се размножуваат и да функционираат.
Во нивните експерименти и покрај тоа што успеале да направат колонии од милиони вакви ГМОа, не успеале да најдат ниту еден организам кој успеал да преживее кога им го укинале пристапот до синтетичката аминокиселина. Наодите од експериментите се објавени во Nature списанието.