ss-2015-01-24-at-01.00.36

Борбата со музичката пиратерија е интензивна особено во западните земји. Од една страна, некои држави и региони немаат доволно пари за да си дозволат да купуваат доволно музика, па ја пиратираат таа која им се допаѓа (или ја игнорираат дека постои ако не можат да ја најдат на бесплатни сервиси како Youtube), но од друга страна држачите на права во песните и видеата мора да бидат наградени за нивниот труд со директно одвојување средства за купување или стримање на нивните дела.

Досега музичката индустрија се бореше против пиратеријата со агресивно навлегување во приватноста на корисниците, со воспоставување на системи за управување со дигитални права и со лансирање неверојатни тужби (како тужбата на RIAA против Napster на цели 20 милијарди долари). Па сепак, нивните активности изгледа дека го немаат посакуваниот ефект и нашироко се пиратира музика, филмови и други содржини.

Од друга страна Apple се стекна со патент за P2P споделување на песни меѓу корисници. Ова веројатно го развиваат во смисла: ако не можеш да ги победиш, придружи им се. Преку ова тие на еден начин ќе го „авторизираат“ споделувањето на песни од човек од човек, за корисниците да немаат потреба да користат други нелегални начини на споделување.

По обезбедувањето лиценца корисникот ќе може да ги пренесе песната или видеото до друг корисник, без да мора примателот да ја симнува од серверот на iTunes. Со ова ќе се намали оптоварувањето на серверите на Apple, а во исто време ќе се забрза директното споделување на песни и видеа. Ваквата опција нема да важи за содржини за кои држачите на права изјасниле дека не сакаат да им бидат споделувани на овој начин.

Самите содржини ќе бидат кодирани и нивниот трансфер ќе се одвива преку некој сервис за споделување како AirDrop или Bluetooth. Останува да видиме како Apple ќе го искористи овој патент и дали ќе успее да изврши поголемо влијание врз музичката и видео индустријата.

Извор: VR Zone, ZDNet

Претходна статијаYouTube започнува со стандардно користење на HTML5 наместо Flash
Следна статијаНаучниците развија начин како да онеспособат генетски модифицирани организми