Интересните вести од светот на науката и особено астрономијата не престануваат. Според најновата анализа на постари астрономски податоци од Sloan Digital Sky Survey од 2002 г., нашата галаксија (Млечниот пат или Кумова слама) не е рамен диск туку е налик на разбранувана вода.
Практично, постојат сртови и бразди околу центарот на галаксијата кои се карактеризираат со значително поголема или помала концентрација на ѕвезди. Овие прстени претходно биле означени како дел од галактичкиот диск, но според новото истражување претставуваат акумулација на ѕвезди. Постојат повеќе вакви прстени, а тие што можеме да ги видиме од Земјата се четири. Густината на ѕвездите нагло прекинува по 50 илјади светлосни години за повторно нагло да се зголеми по 60 илјади светлосни години, гледано од центарот на галаксијата.
Според ваквите наоди, Млечниот пат е поголема од што претходно се мислеше. Имено, претходно се претпоставуваше дека нашата галаксија се простира на ширина од 100 илјади светлосни години, но сега се претпоставува дека се простира за уште 50 илјади, според Јан Жу од Националните астрономски обсерватории на Кина, главниот автор на студијата.
Хајди Њуберг, професор по физика, применета физика и астрономија од Ренселер школото за наука изјави: „Во суштината, тоа што го најдовме е дека дискот на Млечниот пат не е само диск на ѕвезди на рамнина – тој е испрекинат со сртови и бразди“. Ова е навистина интересно ново откритие за природата на нашата галаксија и останува да се потврди дали истото важи и за другите галаксии кои ги имаме откриено во унверзумот.