dnews-files-2015-02-titan-submarine-670x440-150212-jpg

Повеќето од нас никогаш не се „возеле“ во подморница. Делумно од страв, а повеќе поради немање шанса воопшто да се оствари такво нешто. Подморниците најмногу се познати како воени алатки за водење војна надвор од копното, но тие многу често се користат и за корисни истражувања таму каде што стандардните бродски сонари не можат да достигнат доволно силна резолуција или пак тоа што се анализира е затскриено и недостижно од површината.

Замислувањето на возење со подморница е доволно тешко при Земјините океани, иако со многуте филмови и документарци веќе имаме некој концепт како тоа изгледа. Дали сте замислувале како би изгледало таквото истражување на друга планета?! NASA моментално работи на концепт за подморница кој треба да биде испратен на Сатурновата месечина Титан (!) каде што ќе се нурне во неговиот метански океан наречен Кракен за да го анализира.

Да, изгледа како научна фантастика, но човештвото повеќе пати го оствари тоа што порано беше замислено од многу писатели на НФ – подморници, слетување на Месечината, слетување на Марс, лансирање човек во вселената и така натаму. Океаните на Титан не се воопшто препорачливи за во нив да престојуваат луѓе – ако не се задушат од метанските гасови, има шанса дека ќе умрат од хипотермија, а ако сепак ни тоа не се случи некоја значајна искра ќе ги запали барем локално. Од друга страна, една беспилотна подморница сосема фино би прошетала на површината и под површината на овој океан, користејќи сонар, камера, хемиски, биолошки и други сензори за да го анализира составот и градбата. Во исто време ќе може да испита да не случајно има некаков жив свет и колку е тој развиен (нешто слично на патувањето во филмот „Извештај Европа“).

Според нивната студија, подморницата треба да е напојувана од нуклеарна енергија, да користи специјален систем за движење (бидејќи температурата е многу ниска, околу 90 келвинови степени или -183 целзиусови степени) и да користи нитроген како баласт. Една ваква мисија би била навистина мелем за очи и за ум да се види и доживее во нашиот животен век.

Извор: Discovery, Cnet

Претходна статијаКој го измисли Интернетот? Who cares?!
Следна статијаApple ќе прави електричен автомобил?