internet-freedom-PIFAph

Интернетот е несомнено еден од најпрекрасните модели на аплицирана слободна размена на, па, на буквално се – од добра и услуги, до идеи, пари – и најблиску до слободно-пазарен сегмент што може да се идентификува во модерниот свет. Ден О’Конор го нарекува Интернетот „најслободната децентрализирана економска оаза“ во нашиот длабоко регулиран свет. Уште повеќе, O’Конор аргументира дека:

со оглед дека Државата ниту го нарушува функционирањето на Интернетот, ниту пак ги „поттикнува“ и поддржува одредени компании, можеби сведочиме на најблиското нешто до слободен пазар во историјата на човештвото. Иако многумина сметаат дека Америка во 19-ти век е најблиското нешто до чист слободен пазар, всушност, конгресмените константно делувале во интерес на одредени бизнисмени, во некои случаи и свесно креирајќи монополитистички привилегии. Иронично, на крајот на истиот период, владата интервенираше наводно во обид да ги „сузбие“ овие монополи.

Па, еве сме денеска во дигитална мрежа која поврзува луѓе од сите краишта на светот, овозможувајќи им да разменуваат се што сакаат. Интернетот е всушност суштината на слободниот пазар: доброволна размена. Нема употреба на сила или пак принуда; нема повисок авторитет кој ефективно го контролира или пак диктира начинот на кој го трошиме нашето време онлајн или пак активностите кои ги правиме. Иако постојат одредени правни пречки кои им го попречуваат пристапот на луѓето до одредени сајтови и материјали, поради недостигот на регулација или пак имплементација на законите, корисниците релативно лесно ги заобиколуваат овие рестрикции или пак тотално ги игнорираат.

Едноставно, Интернетот е модел за слободен пазар. Ги претставува сите аспекти на капитализмот кои, за жал, не можеме да ги уживаме во нашиот офлајн свет поради преголемото ниво на државни интервенции … онлајн пак, уживаме во широката конкуренција, ниските бариери за влез, доброволната размена, рапидниот технолошки напредок, намалените цени и цутењето на креативноста која ја овозможува слободата.

Тоа е убавината на саморегулирачкиот децентрализиран систем кој е слободен од државни интервенции.

Но, зарем не е Интернетот измислен од владата на САД?! Ова е веќе „античка дебата“ во Америка која пред некоја година ја рестартира Гордон Кровиц и ја предизвика конвенционалната приказна дека Пентагон го создал интернетот со цел да има начин како да комуницира политичката елита и војската на САД во случај на нуклеарна војна. Потоа го растргнаа оние кои се подобро запознаети со технологијата позади Интернетот бидејќи воглавно аргументот на Кровиц се засновал на мешање на Интернетот со Етернетот.

Иако целата вистина за кој го измислил Интернетот мислам дека е некаде на средина, комбинација на државни инвестиции и приватни иницијативи фората е што е тотално небитно кој го измислил. И тркалото (најверојатно) го измислиле во Месопотамија, па никој не се повикува на овој факт кога се вози во Ауди за да девалвира вредноста на германската компанија. Никој не тврди дека државата не може да погоди некој изум од огромните ресурси кои присилно ги одзема од продуктивните граѓани. Поентата е кој механизам стои позади константниот развој на одредена иновација и ја прави достапна за што поголем број граѓани. И тука одговорот е неспорен!  За што пак ќе мора да се сложам со истиот тип кој го „растргна“ Кровиц, Мајкл Хилцик кој вика дека Интернетот е државна креација („точно е дека Интернетот започна рапидно да се развива откако беше приватизиран во раните 90-ти“).

Имено, систем во кој приватната сопственост е загарантирана, истовремено со слободата слободно да располагаш со она што е твое, систем во кој инвестициите се заштитени и постои поттик да инвестираш бидејќи потенцијалниот профит ќе те збогати, механизам кој ти кажува што вреднуваат граѓаните повеќе преку цените, со еден збор, слободен пазар е клучната состојка. Патем, ова е случај со сите луксузни добра кои во капиталистичките земји набргу стануваат достапни за пошироките маси, па и поширокиот свет преку глобалната трговија. Иста е приказната со Интернетот.

Од друга страна пак, од раните 60-ти до 1995 година, Интернетот бил во рацете на државата. За што се користел и колку им бил во корист на народот може да се забележи од овој извадок од „кодексот на користење“:

нелегално е да се користи АРПАНет за било што друго освен за цели кои претставуваат директна поддршка на работите на владата … личните пораки на други корисници на АРПАНет (на пример, за да се закаже состанок или пак да се поздрави некој) генерално не се сметаат за штетни … праќање електронска пошта преку АРПАНет за комерцијални или политички цели е недозволено и анти-социјално.

Со други зборови, доколку Интернетот останеше во рацете на државата, прашање е дали СЕ што денеска претставува Интернетот воопшто ќе постоеше. Оваа поента ја доловил и Брајан Карнел уште во 1990 година:

… Интернетот ја потврдува основната слободно-пазарна критика против големата држава. Во овој случај државата имала 30 години монопол врз користењето на извонредно корисниот протокол за трансфер на информации, TCP/IP, но не знаела да го искористи потенцијалот … во помалку од една декада, приватната иницијатива го превзема протоколот и ја создаде една од најважните технолошки револуции на милениумот.

Претходна статијаApple го зголемува лимитот за големина на апликации во App Store
Следна статијаNASA подготвува подморница за морето Кракен на најголемата Сатурнова месечина Титан