early_galaxy

EGS-zs8-1 – тоа име ќе остане уште барем некое време како најдалечната забележана галаксија во Универзумот. Доста криптично, но самата галаксија во себе крие неколку интересни феномени.

Имено, оваа галаксија се разликува од другите рани галакси поради тоа што е неверојатно светла за својата големина. Ние моментално ја забележуваме кога имала „само“ 670 милиони години старост, но на таа „возраст“ таа создава ѕвезди за 80% побрзо од нашата галаксија. Таа се наоѓа на оддалеченост од 13 милијарди светлосни години.

Оваа галаксија, која е карактеристично прилично голема, беше за прв пат откриена преку фотографии направени од Хабл и Спицер телескопите, и MOSFIRE инструментот кој пак ја пресметал огромната далечина на EGS-zs8-1. Наодите од студијата беа објавени на arXiv.org.

Интересното е што гледајќи кон ѕвездите ние гледаме кон минатото, што ни овозможува да ги воспоставиме вистинските темели на создавањето на Универзумот. Објектите како оваа галаксија ни помагаат во тоа бидејќи прикажуваат како точно настанувал и се градел раниот Универзум. При создавањето на ѕвездите се шпекулира дека со помош на фузија од најосновниот елемент, водородот, се создал хелиумот, па сите останати потешки елементи кои денес ги користиме за да функционираме.

Во споредба со овие растојанија и времиња, нашиот животен век изгледа смешно и небитно. Сепак, човештвото се труди да постане космички релевантно и да си го најде своето место меѓу ѕвездите. Дали ќе успее во тоа ќе видиме, но штета би било да се самоуништиме во нуклеарна или друга војна поради тоа што не сме успеале да ги надраснеме детските фази на нашиот развиток, карактеризирани со конфликти, национализми и конзервативни антитехнолошки движења и идеи.

Извор: The Register, Mashable

Претходна статијаНашата галаксија е уште поголема од што се мислеше досега
Следна статијаGoogle со повеќе пребарувања од мобилен наспроти десктоп