Пред некое време пишувавме за интересното „бранување“ на дискот на нашата галаксија, кое имплицираше дека нашата галаксија е поголема од тоа што досега се мислеше. Деновиве сме сведоци на уште една потврда за истото – нашата галаксија досега се сметаше за „широка“ 100.000 светлосни години, но поверојатната бројка е 160.000 светлосни години.
Ова повторнот е докажано со анализирање на таканаречените извиткувања на дискот на Млечниот пат. Овие сртови и бразди се карактеризираат со различна концентрација на ѕвезди кои го прават галактичкиот диск нерамномерен по должина.
Практично, истражувачите откриле дека трите структури од дискот се дел од осцилирачки диск, кој пат можеби е ефект на џуџе-галаксија која се судрила и интегрирала со нашата, оставајќи такви пореметувања во дискот. Според Њуберг, еден од авторите на студијата, „Ние не знаевме како тоа еден диск може да се простира нагоре и надолу. … (џуџе-галаксијата која хипотетички се судрила со нашата) кога поминува низ друга (нашата; заб.), може да го поремети дискот исто како што камче ја пореметува површината на водата во бара. Од тој настан, тој бран потоа може да се распространи низ дискот.“
Според новите наоди, големината на нашата галаксија е слична на големината на Андромеда, што конечно го решава конфликтот на два спротивни наоди. Од една страна Андромеда и Млечниот пат имаат слична маса, од друга страна досега изгледаше дека Андромеда е далеку поголема. Сега веќе знаеме дека тие се слични и по големина како и по масата.