Секој кој ги има видено фотографиите од нашата Земја сликани од Месечината или од некоја вселенска мисија не може, а да не се насладува на прекрасното синило кое повремено е ишарано со копно од по некој континент. Светската водена површина изгледа како огромна површина која содржи неверојатно количество на вода во себе. А како ќе изреагирате ако ви кажеме дека можно е под површината на Земјата да постои океан три пати поголем од површинскиот?
Според научниците од Northwestern универзитетот, под Земјината кора големи се шансите да постои супермасивен океан кој држи огромно количество вода. Овој наод тие го утврдиле преку анализирање на сеизмичката активност преку 2.000 сеизмометри. Предводникот на тимот Стивен Џакобсен изјави дека ја имаат анализирано брзината на вибрациите кои патуваат низ Земјата, која се менува во однос на типот на материјалот (карпа, земја, различен состав на карпите итн.) низ кој поминуваат. Тие утврдиле дека еден посебен материјал наречен влажен рингудит (ringwoodite; полиморф на Оливин кој е магнезиум-железо силикат) има особен ефект врз вибрациите. Тие успеале да создадат влажен рингудит во лабораторија, го анализирале како реагира под огромен притисок и температура (симулирајќи ги оригиналните услови) и го споредиле со наодите од сеизмометрите.
Според овие анализи излегува дека рингудитот под притисок кој постои на длабочината од 320 – 600 километри под површината, водата која ја содржи ја истиснува од себе и таа се собира во подземен океан за кој се претпоставува дека е три пати поголем од океанот на површината на Земјата. Оваа вода седи заробена таму и од време на време излегува на површината преку разни транзициони настани во Земјината кора.
Овој наод оди контра теоријата дека Земјините океани настанале од ударот на комети со заробена вода во Земјата кои така го донеле доволното количество за да се создаде огромната водена површина. Останува да видиме како ќе се развиваат наодите околу овој феномен и дали за сигурно ќе се потврди претпоставката за подземниот океан. Секако, освен ако не најдеме начин да го извлечене ова огромно количество вода, тоа сепак не значи дека можете слободно да ја оставате водата да тече од чешмата додека ги четкате забите.