Младата компанија Lift Labs, која ги има создадено т.н. „паметна лажица“, „паметна супена лажица“ и „паметна вилушка“ само што беше купена од страна на Гугл. Иако не се знае точно зошто Гугл би имале интерес од оваа технологија, не би било многу тешко да се претпостави дека тие ќе најдат начин како да ја интегрираат во своите иновации и производи кои ги презентираат на светскиот пазар.
Инаку, „паметниот“ прибор за јадење на Lift Labs всушност помага кај луѓе кои не можат да ги задржат доволно мирни своите раце, како што се луѓето со Паркинсонова болест и слично. Овој прибор, користејќи сензори (на пр. жироскоп) ја корегира позицијата на лажицата или вилушката и со тоа ја прави нејзината позиција доволно стабилна за да ги намали проблемите при исхраната кои овие луѓе ги имаат поради тоа што им се тресат рацете.
Луѓето веќе имаат вграден систем на стабилизација што ни овозможува да јадеме или да пиеме кафе додека одиме. Нашиот мозок користејќи ги информациите кои ги добива од рацете, очите и другите делови на телото автоматски ја поправа позицијата и тензијата во мускулите за да не ја истуриме чашата. Но кај луѓето со одредени нервни проблеми ова претставува одлично олеснување за нивните активности.
Оваа технологија може да се искористи на многу места – за стабилизација на камери кои се движат и снимаат во исто време, стабилизација на рацете на хирурзи кои оперираат, стабилизација на пијалок внатре во возило кое се движи итн. Баш не` интересира каква точно примена ќе и` најдат Гугл на оваа технологија добиена од нивното купување на Lift Labs.
Извор: Geek