Големиот хадронски судирач (Large Hadron Collider; LHC) е заеднички проект на европските земји, под капата на CERN – Европската организација за нуклеарни истражувања. Тој досега беше од огромна помош за потврда или поништување на некои теории и хипотези околу физичката реалност на светот. Со негова помош беше потврден Хигсовиот бозон, иако малку различен од очекувањето за неговите карактестики.
Претходно се спомнуваше дека можно е при изведувањето на експериментите во LHC да се појават минијатурни црни дупки, но такви се` уште не се откриени. Една група на научници од Универзитетот од Ватерлу предложува теза зошто тие не се откриени и дека можно е да постојат во повисоки енергетски нивоа. Со таквото откритие ќе се даде дополнителна тежина на хипотезата за мултиверзум (комбинација на конечни или бесконечни универзуми), за повеќедимензионален простор претпоставен со квантната механика и доказ одблиску за функционирањето на црните дупки.
Според нив, во експериментите на LHC не биле откриени претпоставените минијатурни црни дупки бидејќи не се употребила доволна енергија на судир за да се детектираат во горните димензии (според теоријата на струни постојат 10 димензии за кои досега има успешни математички модели, меѓутоа малку докази кои сугерираат нивно постоење). Досега енергијата која е употребена при експериментите е околу 5,3 ТеВ (тера електронволти), а според нив дупките ќе можат да се забележат на енергија околу 11,9 ТеВ. Инаку, LHC е проектиран да може да издржи енергија до 14 ТеВ, што би значело дека би можеле да ги направиме овие експерименти.
Откривањето на ваквите мини-црни дупки ќе биде изведена преку детекција на нивните ефекти на времепросторот и гравитацијата. Практично, тие би ги деформирале овие величини доволно за да се открие истото. Се претпоставува дека вакви црни дупки ги предизвикуваат некои од ефектите на темната материја, што ќе може да се открие преку експериментите.
Ако ваквите експерименти успешно ги откријат овие ефекти, тоа може да значи потврда на многу теоретски претпоставки поставени од квантната механика, теоријата на струни, одредена консолидација на теоријата на релативитет и квантната механика (во областа на гравитацијата), и хипотезата за паралелни универзуми. LHC беше доста надградуван и подобруван во последниот период што го направи способен да изведува уште понапредни експерименти и да ги потврдува или поништува нашите претпоставки за функционирањето на светот.