Луѓето кои читаат научна фантастика тоа најчесто го прават поради развивањето на сопствената фантазија и желбата да се оживеат некои можни сценарија околу живот на други планети. Некои од почетните примери на осмислување на таквиот живот (зелени марсовци) се понекогаш смешни, но тоа се должи на недоволно информации кои авторите ги имале во времето кога ги пишувале.
На Земјата сме сигурни дека животот се развил и дека се базира на јаглеродни структури, што се должи на способноста на јаглеродот да се врзува во најразлични форми и функционални целини. Имаме правено многу испитувања кои укажуваат на тоа дека неколку услови и карактеристики на Земјата (оддалеченост од Сонцето, брзина на ротација, количеството на вода на површината итн.) се погодени за да може да се развие живиот свет, под услов ако ја игнорираме теоријата на антички астронаути. Во случај ако успееме да ги најдеме сличните услови кај некоја друга планета, би можеле да претпоставиме дека има шанса да се развие жив свет и таму.
Научниците од НАСА користејќи го Kepler Space Telescope ја открија планетата Kepler 186f. Оваа планета е карактеристична по тоа што се наоѓа во населивата зона на сопствената ѕвезда. Ѕвездата е од системот Kepler 186, испушта двојно послаба светлина од Сонцето и е категоризирана како црвено (М) џуџе. Планетата орбитира околу ѕвездата за 130 дена и добива една третина енергија во споредба на енергијата добиена на Земјата од Сонцето. Тоа ја сместува Kepler 186f на надворешниот раб на населивата зона. Таа е само 10% поголема од Земјата, што ја прави споредбено многу слична по својата гравитација.
По наоѓањето на планети кои имаат слични карактеристики со Земјата се отвора задачата на анализа на нивниот хемиски состав и траги на живот. Ако претпоставиме дека на нив животот ќе се развие слично (базиран на јаглерод) тогаш има теоретски шанси тоа да се испита преку анализите на снимките од телескопите. Секако, треба да се напомене дека ова е навистина тешко да се оствари. Научниците мислат дека Kepler 186f е карпест свет, но се’ уште не можат да ја потврдат нејзината маса и густина.
Извор: NASA, Тhe PCMD Gazette