ID-100100653

Науката и научните истражувања се екстремно ефикасен начин за дознавање на вистината околу нас токму поради тоа што се отворени на промени и бараат докази за да ги поддржат тврдењата, теориите и тезите. Не секогаш доказот е емпириски, понекогаш е доволно да се пронајде информационата или логичната врска меѓу две работи за да се заклучи дека нешто е веројатно/точно или не.

Никој од нас ја нема видено Големата експлозија (The Big Bang). Впрочем, никој од нас нема видено како луѓето се одвојуваат од другите човеколики мајмуни и стануваат сопствен вид, па сепак споредувајќи ги археолошките наоѓања заедно со анализа преку Дарвиновата теорија на природна селекција, сме стигнале да го заклучиме истото. Слично и со Големата експлозија, настанот за кој се верува дека е причина за настанувањето на универзумот.

Досега се веруваше дека Големата експлозија лежи во самиот зачеток на универзумот, дека универзумот „експлодирал“ од една суперзбиена точка наречена сингуларитет. Научните теории сепак се предмет на менување и прилагодување ако се пронајдат нови наоди кои укажуваат дека треба да се донесе нов заклучок. Па така еден тим од научници од Бенха Универзитетот, Зеваил градот на науката и технологијата од Египет, и Летбриџ Универзитетот од Канада, остварија нови прилагодени математички пресметки кои укажуваат на тоа дека универзумот не започнал со Голема експлозија. Според нивните пресметки таков настан не настанал и универзумот секогаш постоел, но бил многу позгуснат од денес.

bigbang_1024

Според нив: „Сингуларитетот на Големата експлозија е најсериозниот проблем на генералната релативност бидејќи законите на физиката изгледа дека се распаѓаат таму“. Научниците во новите пресметки (наречени Боманови пресметки според Дејвид Бом кој има придонесено кон философијата на физиката) ја замениле геодезијата (закривување на патувањето на честичките под влијание на гравитацијата) со квантни траектории. За разлика од геодетските траектории, квантните никогаш не се пресекуваат. Овој модел исто така не предвидува апсолутно смачкување каде универзумот под дејство на гравитацијата повторно се збира во супергуста точка во иднината. Овој модел исто така го поддржува постоењето на гравитонот, теоретската честичка за која се смета дека е одговорна за настанувањето на гравитацијата. Гравитацијата е основниот проблем за несогласувањето меѓу теоријата на релативитет (која кажува дека гравитацијата е резултат на закривување на временско-просторниот континуум) и квантната механика (која во некои форми предвидува гравитон).

Ваквите наоди не се прв пат да се предизвика моделот на Големата експлозија. За разлика од други системи на верувања, во науката не се маргинализираат или напаѓаат различните ставови – туку се испитуваат и соодветно на наодите се заклучува дали се точни или не. Заради оваа карактеристика науката прилично бавно го воспоставува погледот на светот, но е најдобриот начин да се дознае суштината и вистината кои ние како човештво сме го создале.

Извор: ScienceAlert, Phys.org

Фото:  Victor Habbic / freedigitalphotos.net

Претходна статијаUviCube – Kickstarter проект за личен дезинфикатор на мали предмети
Следна статијаMicrosoft го потврди купувањето на Sunrise, уште една компанија со популарна апликација