Quality-sleep

Некои од нас останувале до многу касно навечер, а некои пак отсекогаш станувале рано. Тоа што одредува дали ќе припаѓате на едниот или другиот тип на луѓе зависи од повеќе фактори како навика, дали сте во редовен работен однос, како ви е наместен биолошкиот часовник, колку години имате и дали сметате дека најдобро поминато време е во дискотека до рани утрински часови, дали гледате во LCD екрани и неприродна светлост навечер, и други.

Изгледа дека фактор во тоа кој дел од денот ќе ви биде активен и буден имаат и вашите гени. Имено, според најновото истражување врз овошни мушички (кои, според истражувачите, имаат многу сличен временски генетски механизам како луѓето), во кој период од денот тие биле најактивни зависело од нивните гени. Тие создале две групи на мушички, од кои првата група имала склоност кон активност покасно во денот, а втората порано. Кога двете групи изолирано ги размножувале, откриле дека наклонетоста кон активност во одреден дел од денот останала и на нивните потомци, што укажува на генетска основа за овој феномен.

Според нивните наоди, гените кои го регулирале нивото на активност различно се експресирале па ги правеле мушичките да бидат активни во различни периоди од денот. Дополнително, самите гени биле различни по состав кај двете групи мушички.

Преку анализа тие утврдиле околу 80 гени кои влијаат на ваквото однесување, и сметаат дека можеби активноста кај луѓето е исто така регулирана од сетови на различни гени кои различно се манифестираат, па дури можеби и се различни по градба кај различни луѓе. Ова не треба да не` чуди, секако. ДНК е една неверојатна квантна машина која успева на супермал простор да спакува толку многу информации кои потоа го регулираат функционирањето на целото тело и неговата регулација.

Извор: IFLScience, Frontiers in Neurology

Претходна статијаСтуденти по архитектура создадоа одело кое симулира спиење во бестежинска состојба
Следна статијаDell Inspiron Micro Desktop – Mини компјутер со Windows 8.1