Како дел од мисијата на Texus-49 леталото, лансирано од Шведска, научници од Универзитетот од Цирих закачуваат молекули од ДНК на неговата надворешна страна. Тоа значи дека молекулите нема да имаат никаква заштита и ќе бидат целосно изложени на полетувањето, излегувањето во вселената и враќањето на Земјата.
Ова истражување, наречено DARE – DNA atmospheric re-entry experiment, е направено со цел да се види дали молекулите ќе можат да преживеат, односно доволно за да можат да го пренесат својот генетски материјал.
ДНК молекулите биле поставени на делот од леталото каде што се товарат работите на него, дел кој што е изложен на температура до 1.000 степени при враќање на Земјата. По враќање на леталото било откриено дека ДНК молекулите, иако не целосно, имаат преживеано и успешно го имаат пренесено својот генетски материјал.
Пренесувањето на генетскиот материјал се состоел од пренесување на антибиотичка резистентност на бактерии, како и флуересцентни својства на сврзно ткиво. Резултатите покажале дека ДНК молекулите задржале третина од својата функционалност.
Ова истражување покажува дека ДНК молекулите можат да го преживеат патот во вселената, што оди во контекст на теориите за можноста животот на Земјата да е донесен преку некој метеор или друго вселенско тело кое што се има судрено со планетата.
Исто така, ова покажува дека треба повеќе да се внимава со мисиите кои што се испраќаат на другите планети и вселенски тела, поради можноста на истите да бидат пренесени молекули од нашата планета.
Инаку, ДНК е кратенка за Деоксирибонуклеинската киселина и претставува молекула која што ги содржи генетските инструкции потребни за развој и функционирање на сите видови на организми и повеќе видови на вируси. Затоа оваа молекула исто така често се нарекува и градежен блок на животот.
Извор: Forbes, MysteriousUniverse