Доста големи напори се вложени во снимање и мапирање на Универзумот т.е. на неговата состојба во минатото. Ова е така бидејќи дел од позадинското зрачење кое се простира и допира до Земјата, а кое било испуштено пред милиони, па и милијарди години, денес може да се сними и анализира со цел да се утврди сликата на античкиот Универзум. Но секако дека ваквата задача содржи огромни потешкотии во себе бидејќи дел од тоа зрачење толку се има растурено низ вселената што тоа што стигнува до Земјата е понекогаш преслабо за да се има јасна слика.
Но еден тим на истражувачи од Макс Планк институтот и Беркли Лаб користејќи интересен начин на снимање наречен феномен на Лајман Алфа шумска апсорпција, имаат постигнато подобри резултати во снимањето на Универзумот. Насочувајќи ги телескопите на мал дел од Универзумот каде што е 10,8 милијарди години стар, при што мереле промена во светлината од галаксиите која доаѓа од водородните облаци кои се веднаш пред нив. Тие ги набљудувале ваквите промени во светлината кај повеќе галаксии, што им овозможило да создадат слика на цела мрежа од гасови и така оствариле многу подобра снимка од случувањата во тој мал дел на кој биле насочени.
Еден од истражувачите Кхи-Ган Ли изјави дека „Оваа техника е многу ефикасна и нема да треба многу време за да се добијат доволно податоци да се покријат милиони светслосни години на една страна [на снимање; заб.]“. Со ваквата техника тие успеале да направат 3Д мапа од снименото делче на Универзумот, што би можело да помогне на идните истражувачи на космосот да добијат подобри информации околу случувањата кои му претходат на денешното време како и да се дознаат космолошките услови при и по настанувањето на Биг Бенгот, пред 13,8 милијарди години. Ова снимање било само доказ за концептот и истражувачите изјавија дека планираат да закажат подолго време за снимање со Keck-1 телескопот, кој го имаат употребено за првото снимање.
Извор: Engadget, Science Daily