Скопско лето, тешко дишеш и возиш по жешкиот асфалт… Се мешаат бои, контури и мириси… Менуваш правец и бегаш некаде! Сам со себе, сам со точакот, па има ли поубаво? Одвози на викенд, одвози на Матка, на Водно после работа, одвози до парк, покрај Вардар…
А со следната Критична Маса да одвозиме заедно на пикник во Парк Шума Гази Баба!
Го славиме возењето точак како безболен по природата начин на превоз и како начин на откривање на градот! Со точак можеш да бираш разни патеки и „станици“ за одмор.
Луѓето кои се на точак, од поблиску го познаваат градот!
Оваа Критична маса малку ќе здивнеме од критички теми, самата рута е доволна критика сама по себе. Кога ќе ја возиме помислете на луѓето кои живеат и работат во овие делови на Скопје, како патуваат со точак?
Фокусот ќе го ставиме на уживањето во летната квечерина на точак.
На Критична маса бр. 51 да заземеме повторно една лента од улиците и да се чувствуваме добро, на час! Барем кога сме во голема група е покомотно. Тоа чувство сакаме да победи, креаторите на градските политики да го вградат во идните проекти, сакаме градот да е комотен, безбеден и опуштен за секој граѓанин на точак секој ден на секоја улица! Да немаме своја лента само во еден час месецот во текот на КМ, туку и цело време! Со Критична маса сонуваме и привремено креираме нова стварност. Таа привремена стварност еден ден ќе стане трајна преку попрогресивни градски политики.
Дојдете на летно возење и облечете најлелеава летна лесна облека. Спремете си ќебенце или чергиче за на пикник, пиво, сок, овошје, грицки.
Јавните простори не се за да проструиш со кола низ нив, јавните простори се за да се дружиме, да комуницираме, да уживаме во градот. Притоа да не заборавиме да ја почитуваме природата и еден со друг.
Да оставиме сè како што сме нашле, па и почисто, по можност :)
Градот е наш. Да го направиме поубаво место за живеење.
Возејќи точак и ценејќи ги парковите.
Одвози и уживај!
Ќе возиме по следнава рута:
Извор: На точак