Денеска се одржува главната конференција од Apple, WWDC 2022, од која оваа година се очекуваат доста интересни новини. По нешто ново треба да добијат сите оперативни системи од компанијата, а исто така се очекува и претставување на нови Mac компјутери кои би требало да работат на новиот M2 чип од компанијата.

Претставувањето на M2 чипот е едно од поголемите очекувања за денешната конференција, како и една од работите за кои имаше многу контрадикторни информации, па уште не сме сигурни дали дефинитивно ќе го видиме овој нов чип.

Доколку овој чип биде претставен, се очекува дека ќе работи на нова верзија од MacBook Air, лаптоп за кого прво се најавуваше дека ќе дојде со целосно нов дизајн, како и избор од бои како кај iMac, но подоцна и за ова излезе дека шансите се мали.

Тоа што останува сигурно е поврзано повеќе со оперативните системи од Apple.

Првата промена која се очекува е кај iPadOS 16, која треба да донесе корисничко искуство послично со macOS, односно со лаптоп компјутер. Со оглед на тоа што iPad Pro уредите веќе работат на истите чипови како дел од Mac лаптоп компјутерите, што значи ги имаат потребни перформанси, очекувано е да и корисничкиот интерфејс ја следи оваа проширена намена на едно време „обичниот“ таблет од Apple.

Тоа што се очекува е подобрување на функциите за „мултитаскинг“, преку воведување на можност за отворање на апликациите во прозори и слично.

Што се однесува до iOS 16, се најавуваат неколку важни новини. Иако овој систем нема да добие редизајн на изгледот, ќе добие новини кај делови кои се одамна исти, па може да се каже и веќе застарени.

Според најавите, центарот за известувања ќе добие унапредување, кое треба да биде доста големо. Заедно со оваа промена се најавува и промена на екранот кога уредот е заклучен, па овие две промени треба да направат доста голема разлика за корисниците.

Дополнително, се најавува и редизајн на дел од Apple апликациите, па слободно може да се каже дека вечерниот настан ќе биде интересен за гледање.

Што се ќе претстават од Apple, можете да гледате во живо со почеток во 19 часот по македонско време на страната од компанијата или преку нивниот YouTube канал на овој линк.

Претходна статијаGalaxy Watch оваа година ќе дојде со дополнителна Pro варијанта
Следна статијаApple го претстави iOS 16 со најмногу промени на екранот кога е заклучен телефонот
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.