Qualcomm ја претстави наредната генерација од нивниот ултрасоничен сензор за отпечатоци од прстите кој се поставува под екраните. 3D Sonic Sensor Gen 2 е името на овој сензор и од компанијата најавуваат дека ќе почне да се користи во новите уреди претставени на почетокот од оваа година.

Ултрасоничните сензори се сметаат за побезбедни во споредба со конкурентните оптички сензори кои многу полесно може да бидат „излажани“. Поради тоа уредите кои ги користат сензорите од Qualcomm се сметаат за побезбедни, како на пример тие од Samsung.

Оваа генерација од сензорот од Qualcomm ќе дојде со поголема површина за скенирање за 77%. Тоа значи дека за разлика од претходниот модел кој имаше површина за скенирање од 4 на 9 милиметри, 3D Sonic Sensor Gen 2 ќе има површина од 8 на 8 милиметри. Со други зборови, површината се зголемува од 36 квадратни милиметри на 64 квадратни милиметри.

Ова зголемување, истакнуваат од Qualcomm, ќе овозможи скенирање на 1,7 пати повеќе биометриски податоци со што ќе се добие и поголема брзина на работа од 50%. Корисниците може да очекуваат доста побрзо отклучување на нивните уреди, како и апликации, со помалку грешки, односно неуспешни обиди.

Најавата за тоа дека ќе видиме уреди со овој сензор на почетокот на оваа година, ја отвара надежта дека Samsung ќе го користи кај нивните Galaxy S21 телефони кои треба да ги претстави утре.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.