USB Type-C конекторот беше најавен од страна на The USB 3.0 Promoter Group при крајот на минатата година, а потоа беше и прикажан како ќе изгледа. Најважната промена која што ќе ја донесе овој нов дизајн, по која што е очекуван од корисниците, е унифицираната форма и големина на конекторот. Тоа значи дека кога каблите со овие конектори ќе станат стандардни кај потрошувачките уреди, веќе нема да мора да гледате од која страна го вклучувате USB кабелот, нешто што секогаш го правите обратно од потребното. Исто така, новиот конектор ќе биде и помал, односно доволна мал за да може да се користи кај мобилните уреди, а сепак доволно робустен за користење кај лаптоп компјутерите и сличните уреди. Големината на конекторот може да се спореди со таа на micro USB конекторот кој што се користи кај мобилните уреди.
Што се однесува до брзината, Type-C ќе биде компатибилен со USB 2.0, како и со USB 3.0 стандардот кој што поддржува брзини на пренос на податоци до 5Gbps, но и со поновиот 3.1 стандард кој што теоретски треба да поддржи брзини до 10Gbps. Type-C исто така ќе подржува и пренос на енергија до 100W, како и нејзина скалабилност, односно пренос на енергија зависно од потребите на уредот.
Наредно што следи е сертифицирање на конекторот и каблите од страна на USB Implementers Forum, по што производителите ќе може да почнат да произведуваат кабли, како и да вклучуваат конектори на своите уреди. Меѓутоа имплементацијата на новиот дизајн не треба да ја очекувате оваа година, односно брзо во наредните уреди. Потребно ќе биде време додека новиот дизајн постепено стане прифатен од страна на производителите, како на кабли, така и на уреди, а со тоа и дел од повеќето нови производи. Во меѓувреме ќе бидат достапни и адаптери кои што ќе овозможат поврзување на новите кабли во старите порти на уредите.
Извор: ArsTechnica, PCWorld, USB.ORG