sony-unit

За повеќето корисници кога ќе се спомене технологијата на паметни очила, сигурно прво што им текнува e Google Glass. Се разбира ова не се единствените паметни очила кои што се во развој, меѓутоа дефинитивно се најпопуларни, а тоа воопшто не е чудно кога ќе се земе во предвид дека се работи за уште еден проект на Google.

Сепак, ваквите производи се далеку од масовно користење, а на доста места се забранети поради одредени потенцијални проблеми. Можеби еден од главните проблеми за тоа е што се работи за нова технологија, па никој уште не навикнат да шета надвор со мини компјутер на неговата глава. Ова сигурно не значи дека технологијата нема да се користи и во блиска иднина и дека се повеќе компании нема да почнат да развиваат свои верзии.

Sony оваа недела претстави свој производ кој што е во оваа категорија на паметни очила. Она што е различно кај нивниот уред е што тој е направен да биде додаток на постојните очила кои што ги има корисникот, без разлика дали се работи за диоптриски или очила за сонце.

sony-wear

Уредот е се’ уште во развој, па тој уште нема ни име, а од Sony најавуваат дека планираат да почнат да го нудат во наредните година дена. Од компанијата исто така најавуваат соработка со производители на очила и на електронска опрема кои што ќе сметаат дека овој уред може да им биде корисен.

Уредот во основа е составен од два дела, односно од главниот дел со екран и батерија. Тие се поставуваат на двете страни од очилата, со што може да се каже дека се добива одреден баланс, наместо носење на уред само од едната страна.

Како што би се очекувало од овој вид на уреди, тој вклучува процесор, сензори, можност за поврзување преку Wi-Fi и Bluetooth. Екранот кој што се поставува пред десното око е OLED Microdisplay со големина од 0.23 inch во дијагонала. Според Sony тој успева да прикаже чиста слика со одлични бои.

Извор: Sony, Geek

Претходна статијаGoogle Drive со поддршка за ODF фајлови, прикачување на фајлови во Gmail и повеќе
Следна статијаЦрвји мозок (C. elegans) дигитално сместен во тело на робот
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.