Project Morpehus беше името кое што досега се користеше за сетот за виртуелна реалност од Sony. Името беше најавено како кодно, па се знаеше дека истото ќе биде променето, односно ќе биде објавено официјалното име кое што ќе го носи овој производ кога ќе се приближи до финалната верзија и пуштањето во продажба.
Иако до пуштањето на финалната верзија ќе треба уште малку да се причека, на SCEJA Press Conference 2015 во Токио, претставник од компанијата го претстави официјалното име кое што ќе го носи овој производ.
PlayStation VR, како и што може да се заклучи од името, ќе биде наменет за корисниците на PlayStation, се разбира неговата најнова верзија. Од компанијата веќе работат со развивачите на игри да им овозможат на корисниците што поголем број на наслови кои што ќе имаат поддршка за овој интересен тренд кој што тек треба да стане масовно достапен.
Инаку, сетовите за виртуелна реалност работат преку прикажување на сликата на најчесто два екрани кои што се поставени на уредот и со тоа се блиску до очите на корисникот. Содржината која што се прикажува треба да е снимена во 360 степени, а со помош на сензорите на сетот, гледачот може да ја менува својата перспектива во кој сака правец. Вакви уреди се во развој од неколку од големите компании, меѓу кои се и Oculus VR сега од Facebook, Gear VR од Samsung и други, а тука е и нешто поразличниот концепт HoloLens од Microsoft.
Повеќе информации за PlayStation VR може да се очекуваат во периодот што следи, а неговата достапност на пазарот се најавува за идната година.