На вчерашниот настан кој го одржа Apple беа претставени неколку нови уреди, како нова верзија од iPhone SE со A15 Bionic чипот, нов iPad Air со M1 чипот, како и Mac Studio со нов Studio Display монитор.

Mac Studio е целосно нов компјутер од компанијата, кој кратко можеме да го опишеме како поголем и помоќен Mac Mini. Овој компјутер доаѓа со избор од два чипови, M1 Max, како и новиот чип, кој беше претставен на вчерашниот настан, M1 Ultra.

Повеќето очекуваа дека од компанијата ќе го претстават M2 чипот, иако неофицијални извори го најавија и M1 Ultra, а за M2 ќе почекаме на некој од наредните настани од компанијата оваа година.

Дури и да беше претставен М2, според тоа што се очекува, М1 Ultra повторно ќе беше доста помоќен чип.

Тоа што го прави M1 Ultra еден од најмоќните чипови на пазарот, е спојувањето на два M1 Max чипови. Спојување не се прави преку матичната плоча, со што се надминуваат „проблемите“ кои би се јавиле на тој начин.

M1 Ultra користи технологија од Apple наречена UltraFussion за директно поврзување на двата чипови со ниска латенција и брзина од 2,5 терабајти во секунда. Со тоа се добива комуникација на процесорите како да се на еден чип, а и софтверот така ги гледа.

Со ова спојување, M1 Ultra добива 20 јадрен процесор, од кои 16 јадра се за подобри перформанси, а четири за заштеда на енергија, 64 јадрен графички процесор и 32 јадрен процесор за машинско учење. На сето ова треба да се додаде можноста за до 128 GB унифицирана меморија, со што овој чип навистина е еден од најмоќните на пазарот.

Од Apple истакнуваат за придобивките во перформанси кои ги има овој чип, а посебно и за помалата потрошувачка на енергија во споредба со конкуренција.

Претходна статијаВо iPad Air Apple го стави нивниот M1 чип и го направи да нема конкуренција на пазарот во перформансите
Следна статијаApple ја засили својата десктоп понуда со новиот Mac Studio и Studio Display монитор
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.