Иако во последниве децении се изнагледавме секакви нови форми и варијанти на сијалиците, сите тие имаат заедничко тоа што беа во некаква заоблена форма. Впрочем, донекаде тоа има станато синонимно со поимот домашно осветлување.
Сепак Phillips сега излезе со нов тип на таканаречени сплескани односно рамни сијалици кои Phillips ги нарекува SlimStyle. Многумина ќе речат дека оваа сијалица и нејзината SlimStyle форма изгледаат “кул”, и дека сето ова е интересно дизајнерско достигнување, меѓутоа би било грешка да се претпостави дека оваа форма е добиена поради естетски, односно дизајнерски причини.
Впрочем, како што тврди Phillips, оваа форма е добиена поради технички причини, во обид да се подобри ефикасноста на производството на LED сијалици. На кратко кажано, оваа форма овозможува производство на поевтини LED сијалици.
Покрај тоа, карактеристиките на оваа сијалица не се особено импресивни во однос на други LED сијалици. Овој тип на сијалица треба да трае околу 25,000 саати (22 години употреба) и троши 85% помалку струја од обичните сијалици.
Засега е познато дека овие сијалици ќе почнат да се продаваат на широко на Американскиот пазар, но сеуште не е познато дали ќе бидат достапни на Европскиот пазар, односно конкретно во Македонија.